Судии и адвокати на советување зa зaштита од дискриминaција врз основ на сексуална ориентација
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судии од граѓанските оддели од сите апелациски подрачја, адвокати и претставници од Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, денеска учествуваат на советување на тема „Заштита од дискриминација врз основ на сексуална ориентација“.
Целта на советувањето, како што изјави директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, е да даде преглед на меѓународната и националната судска пракса во постапките за утврдување дискриминација врз основ на сексуална ориентација.
– Целна група се судиите од работните спорови, бидејќи сакаме да ги унапредиме вештините на судиите и адвокатите во правец на препознавање на повредите на правата на овие лица во највиталниот дел на општеството, а тоа е вработувањето, унапредувањето на работното место, отпуштањето од работа и платата, односно со цел да се обезбеди целосно „уживање“ на правата од работен однос на овие лица за нивна целосна инклузија во општеството, рече Арнаудовска.
Одговарајќи на новинарско прашање таа посочи дека по овој основ досега нема судски предмет во постапка.
По судиите од граѓанскиот оддел, како што најави, советувања ќе се одржат и за обвинителите и за кривичните судии за да се запознаат со стандардите за криминалот од омраза и говорот од омраза во однос на овој дискриминаторски основ и да се подготват целните групи за евентуално ефективно решавање на тие предмети.
Според Душко Миновски од Комисијата за заштита од дискриминација важно е судската фела да се „инфицира“ со овој сегмент, кој е многу важен во контекстот на нарушување на човековите права.
– Комисијата за четири и пол годишното работење има преку 360 претставки. Генерално претставките не се поднесуваат од индивидуални лица кои и припаѓаат на оваа заедница, туку тоа најчесто го прават невладини организации кои се занимаваат со проблемите на ЛГБТИ популација, рече Миновски.
Информира дека имаат една претставка од високопозициониран државен службеник во Министерството за надворешни работи, меѓутоа, како што рече, не констатирале дека тој не е унапреден само поради тоа што ја кажал својата хомосексуална ориентација.
Миновски истакна дека најчесто до Комисијата пристигнуваат претставки кои се однесуваат на вознемирување. – Имаме претставка за два учебника во средно образование и еден во високообразовните во кои авторите сакајќи да ги опишат припадниците на оваа заедница најчесто користат терминологија која ги вознемирува овие лица, рече Миновски и додаде дека има измена на учебниците во тој дел.
Според Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центар, претставките кои во последнава година-две пристигнуваат до Центарот најчесто се однесуваат на семејно насилство.
Советувањето го организира Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Извор: Академија за судии и јавни обвинители/МИА