Правдико

   

Судиите ќе може да бидат разрешени ако откриваат доверливи информации за предметите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Собранието ги донесе измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет. Во дел од измените на Законот за судовите се предвидува дека судија може да одговара дисциплински ако без оправдана причина не ги закажува рочиштата по предметите, ја одолжува постапката или не го зема предметот во работа поради што настапува застареност на кривичното гонење, односно на извршувањето на кривичната санкција за кривичното дело.

Во овој закон се предвидува дека претседател на суд може да биде разрешен од функцијата кога Судскиот совет ќе утврди неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети и кога се повредени одредбите за измена на годишниот распоред на судии. Судија може да биде разршен ако открива доверливи информации што ги спознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.

Според измените во Законот за судовите, Врховниот суд доби рок за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења за прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите. Рокот не смее да биде подолг од 6 месеци по сопствена иницијатива, по иницијатива на претседател на суд, на судии или по иницијатива на адвокати. Мислењата треба да се објавуваат на веб-страницата на Врховниот суд. Судските информатичари задолжително стручно ќе се едуцираат преку Академијата за судии и јавни обвинители.  За овој закон се прифатени 7 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, а одбиени 8.

Во новиот дополнет Закон за Судскиот совет пишува дека член на Советот, додека му трае  мандатот, не може да биде избран за судија, за судија во повисок суд или за претседател на суд. Од Законот, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, е избришан членот според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот учествуваат во работата на Советот без право на глас. Член на Советот може да биде оддалечен од вршењето на функцијата ако против него е одобрен обвинителен акт. Одлука за привремено оддалечување од функцијата донесува Советот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас, при што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кој е поведена постапката.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико