Правдико

   

Судијката не дозволи јавноста да биде исклучена кога сведочеше разузнавачот за „Тенк“

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во кривичниот суд продолжи судското рочиште за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“ во предметот на СЈО познат како „Тенк“.

Првин сведочеше агентот во Агенцијата за разузнавање, Киро Т. Тој во 2012 бил државен советник за управување со човечки ресурси во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Тој побара јавноста да биде исклучена зашто, како што рече, работел во Агенцијата за разузнавање. Обвинителите на СЈО се спротивставија на тоа барање. Гаврил Бубевски од СЈО рече дека не планираат да поставуваат прашања што се однесуваат на безбедноста на државата.

Судијката Добрила Кацарска им го прифати предлогот на обвинителите на СЈО и не ја исклучи јавноста. Киро Т., кој е обвинет во предметот „Титаник“ за изборни измами, рече дека целата постапка била спроведена законски. Тој како член на Комисијата за јавни набавки, која одлучувала за набавката рече: „Комисијата утврди дека понудата е во согласност со спецификацијата. Стигна само една понуда што ги содржи сите елементи“, рече агентот пред судот. Денеска треба да сведочат пет сведоци што ги предложи СЈО.

Во случајот „Тенк“ за злоупотреба на службената должност обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра. Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико