Судот дозволи Tунџев да сведочи во „Топлик“, одбраната обвини за пристрасност бидејќи е владин директор и донатор на СДСМ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.И покрај тврдењата на одбраната дека е владин директор и донатор на СДСМ, судот дозволи да се изведе вештачењето за „Топлик“ изработено од вештакот и директор на „Катастарот“, Борис Тунџев. Судијата Осман Шабани на наводите од адвокатите на ексминистерот Миле Јанакиески за можна пристрасност и непрофесионалност рече дека се неосновани. Тунџев не сакаше да даде одговор на прашањата за пристрасност по судењето со образложение: „што имав да кажам, кажав во судница“.
Адвокатката Сања Алексиќ барањето за изземање на Борис Тунџев, кој е вештак во случајот „Топлик“, го аргументира со известување од антикорупциската комисија, од каде што утврдиле конфликт на интереси бидејќи тој е истовремено и директор на „Катастарот“, назначен од Владата. Дополнително, Алексиќ до судот достави списи, од кои тврди дека се гледа името на Борис Тунџев како донатор на партијата СДСМ во 2016 и 2019 година.
„Тунџев не само што се јавува како финансиер на СДСМ во 2016 година туку е и донатор и во годишниот извештај на донатори за 2019 година. Дополнително, има и извештај во кој во друг предмет при ист ваков случај судечкиот совет не го прифатил вештачењето на вештото лице. Работниот однос кај оштетениот е основ за изземање, а основ за изземање е бидејќи неговата непристрасност и објективност е доведена во прашање. Сметам дека основани се барањата, како и основот за изземање на Тунџев“, рече Сања Алексиќ, адвокат на Миле Јанакиески.
За судот, наводите на Алексиќ беа неосновани, а судијата Шабани цитира законски одредби, според кои Тунџев мора да работи стручно и непристрасно. Тој смета дека и констатацијата на коалицијата за правично судење не е доволна основа за одбивање на вештачењето и изработка на ново, како што бараше одбраната на обвинетите.
„Судот донесе решение – барањето за изземање на Борис Тунџев се одбива како неосновано. Не постојат основите“, рече Осман Шабани.
По ова, вештакот Тунџев одговараше на прашања од обвинителот Бурим Рустеми и одбраната. Во неговото излагање посочуваше каде сѐ имало недостатоци при постапката за „Сончев град“.
„Комисијата навела и констатирала недостатоци, кои од стручен геодетски аспект се податоци за катастарски парцели што биле предмет на отуѓување, а се однесуваат на непостоење имотни листови на сите катастарски парцели од кои се формираат делови од градежните на парцели, непостоење извршени промени, непостоење конкретен одговор од Комисија за денационализација дека не се води процес. Непостоење нумерички податоци за сите градежни парцели што биле дел од јавното наддавање и записник за утврдена фактичка состојба. Вкупно 616 пацели, кои биле предмет на јавното наддавање, нумерички податоци има за 24, односно изразено во проценти тоа изнесува 3,9. По увидот во документацијата, дополнително постои записник за извршен увид од самото место и документ за поседување имот“, изјави Тунџев на судењето прашан за недостатоците.
Покрај Јанакиески, тука се обвинети уште 5 вработени во Министерството за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Јанакиески, според обвинението на СЈО, спротивно на Законот за јавните набавки, составил комисија за јавни наддавања, на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Штетата што ѝ ја направиле на државата е 65 милиони денари или милион евра.
Извор: Макфакс