Судот на правдата на Европската унија | Правдико

Правдико

   

Судот на правдата на Европската унија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sud 2Судот на правдата на Европската Унија (Судот) е надлежен да следи дали законите на ЕУ подеднакво се толкуваат и се применуваат во секоја од земјите-членки. Со други зборови, дали законите на ЕУ се идентични за сите страни и во сите услови. За оваа цел, Судот ја проверува правната страна на постапките на институциите на ЕУ, проверува дали земјитечленки ги исполнуваат своите обврски и ги толкува законите на ЕУ по барање на националните судови.

Судот има овластување да ги решава правните спорови меѓу земјите-членки, институциите на ЕУ, бизнисите и поединците. Со цел да се справи со илјадниците случаи што ги добива, Судот е поделен на две главни тела: Суд на правата, кој работи на барањата за прелиминарни пресуди добиени од националните судови, одредени дејства за поништување и жалби, и Општ суд, кој пресудува за сите дејства за поништување, иницирани од страна на поединци и компании, како и некои слични постапки покренати од земјите-членки.

Трибуналот за јавната администрација, кој е специјален трибунал, суди при спорови меѓу ЕУ и нејзините службеници.

Што прави судот?

Судот донесува пресуди за случаите што се поднесени до него. Четирите најчести вида случаи се:

1. прелиминарна пресуда

Судовите во секоја земја-членка на ЕУ се одговорни за правилното спроведување на законите на ЕУ во таа земја. Доколку некој национален суд има каков било сомнеж околу толкувањето или валидноста на законите на ЕУ, тој може, а понекогаш и мора да побара совет од Судот на правдата. Овој совет се дава во форма на обврзувачка „прелиминарна пресуда”. Овие пресуди се важен канал за граѓаните да утврдат во колкава мера, преку нивните национални судови,
законите на ЕУ влијаат врз нивниот живот.

2. Прекршочни постапки

Комисијата или (многу ретко) одредена земја-членка, може да почнат ваква постапка доколку тие од која било причина сметаат дека одредена земја-членка не ги исполнува своите обврски согласно со законите на ЕУ. Судот ги истражува сите обвинувања и донесува пресуда. Доколку се утврди дека е направен прекршок, обвинетата земја-членка мора да ги поправи нештата без одлагање со цел да ги избегне казните што Судот може да ги примени.

3. Дејствија за поништување

Доколку која било од земјите-членки, Советот, Комисијата или (под одредени услови) Парламентот сметаат дека одреден закон на ЕУ е нелегален, тие може да побараат од Судот да го поништи. Оваа „постапка за поништување” може да ја користат и поединци што сакаат Судот да поништи одреден закон бидејќи тој има директни негативни последици врз нив.

4. Дејствија за непостапување

Согласно со Спогодбата, Европскиот парламент, Советот и Комисијата треба да донесуваат одредени одлуки под одредени услови. Доколку не го прават тоа, земјите-членки, другите институции на ЕУ и (под одредени услови) поединци или компании, може да достават жалба до Судот за официјално регистрирање на прекршокот.

Како работи судот?

sud 3

Судот на правдата е составен од 27 судии, по еден од секоја земја-членка, за да се осигури дека тој ги претставува сите национални правни системи. На Судот му помагаат осум „генерални правобранители”, кои даваат мислења за случаите што се поднесени до Судот. Тие мораат тоа да го сторат јавно и објективно. Судиите и генералните правобранители се или поранешни членови на највисоките национални судови или правни експерти што уживаат висок углед и во чија независност нема никаков сомнеж. Нив ги назначуваат владите на земјите-членки по пат на заеднички договор. Секој од нив е назначен со мандат од шест години.

Судиите во овој суд избираат Претседател чиј мандат е три години. Судот на правдата може да заседава во целосен состав, како големо заседание од 13 судии или заседанија од пет или три судии, зависно од сложеноста и важноста на случајот. Околу 60 % од случаите ги разгледува Заседанието од пет судии, а 25 % од нив ги разгледува Заседанието од три судии.

Општиот суд, исто така, е составен од 27 судии, назначени од страна на земјите-членки со мандат од 6 години. Судиите во Општиот суд, исто така, избираат Претседател од своите редови со мандат од три години. Овој суд заседава во рамките на заседанија од три или пет судии (понекогаш и само еден судија) за да врши сослушувања. На сослушувањата за околу 80 % од случаите на Општиот суд присуствуваат по тројца судии. Големото заседание од 13 судии или целосниот состав од 27 судии може да заседаваат заедно доколку сложеноста и важноста на случајот го оправдуваат тоа.

Сите случаи се поднесуваат до Регистарот на Судот, при што на секој одделен случај му се доделуваат посебен судија и генерален правобранител. Веднаш по поднесувањето започнува судскиот процес, кој се одвива во две фази: писмена и усна. Во првата фаза сите вклучени страни доставуваат писмени изјави, а судијата што го води случајот подготвува извештај, кој дава резиме на изјавите и ја утврдува правната основа на случајот. Судот дискутира за извештајот на својот општ состанок и одлучува за тоа кој судски состав ќе го сослуша случајот и за тоа дали се потребни усни аргументи. Потоа следува втората фаза –
јавното сослушување – кога адвокатите го изнесуваат својот случај пред судиите и генералните правобранители, кои пак можат да поставуваат прашања за нив.

По усното сослушување, генералните адвокати назначени за дадениот случај подготвуваат свое мислење. Согласно со ова мислење, судијата подготвува предлог-пресуда, која се доставува до другите судии на разгледување. Потоа судиите дискутираат и ја донесуваат својата пресуда. Судот ги донесува своите пресуди со мнозинско гласање и ги изрекува на јавно сослушување. Во повеќето случаи текстот на пресудата се преведува на сите официјални јазици на ЕУ во ист ден. Издвоените мислења не се вклучени. Сите случаи не ја следат оваа постапка. За случаите со итен карактер постојат поедноставени и итни постапки што му овозможуваат на Судот да ја донесе пресудата во рок од  околу три месеци.

Извор: http://eeas.europa.eu/

Препорачуваме

Партнери на Правдико