Судот нема да чека екстрадиција, ќе му суди на Грујовски во отсуство за „Тврдина 2“ | Правдико

Правдико

   

Судот нема да чека екстрадиција, ќе му суди на Грујовски во отсуство за „Тврдина 2“

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Кривичниот суд нема да ја чека екстрадицијата на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, кој е првообвинет во случајот „Тврдина 2“, и ќе му се суди во отсуство, одлучи денеска судијката Лидија Петровска.

Таа, на денешната главна расправа, го отфрли барањето на Љупчо Шврговски, адвокат на Грујовски, судењето да се одложи на неопределено време, додека не се заврши неговата екстрадицијата од Грција.

Шврговски, повикувајќи се на Законот за кривична постапка, рече дека доколку му се суди во отсуство, на Грујовски ќе му биде ускратено правото на одбрана.

Аргументите на Шврговски ги отфрлија обвинителите на СЈО, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. Според нив, судењето на Грујовски во отсуство не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.

– Доколку биде екстрадиран, а се надеваме дека ќе биде, нема да му биде ускратено правото да побара да му се суди во присуство – рече Пеливанов.

Судењето за случајот „Тврдина 2“ продолжи зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена, бидејќи се изведуваат докази, декласифицирани само за судската постапка.

Грујовски е во екстрадиционен притвор во Грција, откако заедно со својот колега од УБК, Никола Бошковски, беше уапсен на аеродромот во Солун додека со лажни бугарски пасоши се обидувал да замине за Будимпешта.

СЈО во случајот „Тврдина 2“ ги товари Грујовски и уште шестмина вработени во УБК за уништување на документацијата поврзана со незаконското прислушување. Поранешниот шеф на петтата управа е обвинет и во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на незаконското следење на комуникациите и на уништување на опремата од прислушувањето.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико