Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на колумнистот Никола Гелевски | Правдико

Правдико

   

Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на колумнистот Никола Гелевски

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европскиот суд за човекови права во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на  Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3.000 евра на  Никола Гелевски, поради повредено право на слобода на изразување.

Оваа пресуда е поврзана и се однесува на случајот во кој тогашниот главен уредник на  телевизијата „Сител“ и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ Латас, покрена судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст „Мегафоните од  фиреровиот сокак“, публикуван на 31 март 2009 година во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш  сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства. Судскиот процес траеше околу една  година, а Павловиќ пред македонските судови, во време на груевизмот, ја доби приватната  тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнист на „Утрински весник“, Никола
Гелевски.

Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски  поднесе тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист. Во  образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала дека имало мешање во  слободата на изразување на жалителот“.

Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето  било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале  Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на  пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека  жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето  мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во
обезбедувањето правилно функционирање на демократското општество“.

Исто така, во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот повторува дека „на поединци, а  особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес им е  дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација“. На крај, Судот  смета дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има  застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност“.  Контекстот на спорот и конкретниот „инкриминиран“ текст на Гелевски, напишан како
реакција на тепањето на студентите кои протестираа против изградба на црква на скопскиот
плоштад на 28 март 2009 година можете да го прочитате тука: https://okno.mk/node/27016.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико