Судот во Стразбур ги смета за прифатливи случаите против Русија за соборувањето на MХ 17 | Правдико

Правдико

   

Судот во Стразбур ги смета за прифатливи случаите против Русија за соборувањето на MХ 17

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европскиот суд за човекови права објави дека се прифатливи случаите покренати од Украина и Холандија против Русија за кршење на човековите права во двата отцепени региони Луганск и Доњецк во Украина и за соборувањето на летот МХ-17, објави Ројтерс.

Одлуката е процедурална и не одлучува за основаноста на случајот, но покажува дека судот во Стразбур смета дека Русија може да биде одговорна за кршење на човековите права во украинските отцепени региони Луганск и Доњецк.

Конечната одлука се очекува за една до две години.

„Меѓу другото, судот утврди дека областите во источна Украина биле во рацете на сепаратистите од 11 мај 2014 година до најмалку 26 јануари 2022 година, под јурисдикција на Руската Федерација“, се вели во одлуката.

Холандија го поднесе својот случај пред Европскиот суд за човекови права во 2020 година, тврдејќи дека соборувањето на летот МХ17 над територијата во источна Украина, која ја држат сепаратистите поддржани од Русија, ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

Москва постојано негираше каква било вмешаност во уништувањето на авионот додека се водеа борби меѓу сепаратистите и украинските владини сили.

Сите 298 луѓе на летот на Малезија ерлајнс загинаа во 2014 година кога авионот беше соборен со ракета од руско производство од територијата контролирана од сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина.

Холандската влада тврди дека руските дезинформации за улогата на Москва во инцидентот е кршење на човековите права на роднините на жртвите. Русија ги отфрла обвинувањата.

Боингот 777 леташе од Амстердам до Куала Лумпур во јули 2014 година, кога беше погоден со ракета земја-воздух за време на судирите меѓу проруските бунтовници и украинските сили во регионот Донбас во Украина.

Холандија тврди дека Русија одиграла клучна улога во катастрофата, а случајот зависи од тоа дали Москва имала „ефикасна контрола“ врз областа на Украина од каде што е истрелан проектилот.

Во оваа фаза, ЕСЧП само одлучуваше дали се исполнети критериумите за постапување по оваа апликација.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико