Правдико

   

Судовите преплавени со тужби за навреди на фејсбук

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Повеќе од 30-тина граѓани во земјава ја побарале правдата на суд за навреди изречени на популарната социјална мрежа Фејсбук. Статистиката покажува дека од 20 судови во земјава, во периодот од 2011 до денес, биле покренати над 30 судски процеси, токму за навреди изнесени на најпознатата социјална мрежа.

Само во Основниот суд Скопје 2 во периодот од 2013 до 2016 година се евидентирани вкупно 13 предмети за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета упатени преку социјалните мрежи. Од нив, во 8 предмети, странки во постапката се граѓани и тоа: во еден предмет донесено е решение со кое тужбеното барање се смета за повлечено, во еден предмет донесена е пресуда со која тужбеното барање се одбива како неосновано, 5 предмети уште се во постапка, а еден предмет по основ на жалба е пред Апелациониот суд во Скопје.

Ова се резултатите од истражувањето на СКУП Македонија, направено врз основа на податоците добиени од 26 судови по Законот за слободен пристап до информации.

Анализите покажуваат дека политичарите и функционерите во Македонија сакаат да тужат за навреда и клевета и притоа тужат други лица, но се тужат и меѓусебно. Во периодот од 2011 до 2016 година поднесени се над 1.800 тужби во судовите во земјава. Од нив околу 1.000 се покренати во 2011 и 2012 година, пред декриминализацијата на навредата и клеветата, по што бројката на тужби опаѓа.

Во судот во Кичево лани е евидентирано зголемување на бројот на тужби за навреда и за клевета. Овој суд во 2011 година работел на само еден случај и тоа за клевета. Статистика на овој суд покажува дека во 2013 година немал ниту еден предмет од оваа област, но за веќе во 2015 година да започне трендот на поднесување на се поголем број тужби. Така од 2 тужби во 2014-та да достигне 16 за последните две години.

Скопјани се рекордери по тужбите за навреда и клевета. Скопските судови се преплавени со „навредени и наклеветени“ клиенти. Па така на пример, само во скопскиот кривичен суд во 2011 и 2012 година биле поднесени 367 тужби. Овој тренд продолжува и подоцна, по донесувањето на Законот за декриминализација, по што споровите преоѓаат во рацете на прекршочниот суд.

Во Основниот суд Скопје 2 во периодот од 2013 до 2016 година евидентирани се вкупно 497 предмети. Се тужеле и политичари и бизнимени, но од притисокот не куртулиле ниту новинарите. Тие се јавуваат во својство на странки во постапките во 173 предмети. Новинарите се тужени во дури 117 предмети, се одлучиле да тужат во 17 предмети, а меѓусебно се тужат во дури 39 предмети.

Жителите на Дебар пак, се ослободени од ваквиот стрес – само еден нивен сограѓанин годинава се одлучил душевната болка да ја „залечи“ на суд.

„Рекордери“ по тужби се и струмичкиот, кумановскиот и битолскиот суд. Ако во Струмица во 2011 година имало вкупно 56 тужби за навреда и клевета, во 2016 бројот на спорови е намален на 23. Слично е и во останатите судови. На пример во Куманово во 2011 година имало дури 60 тужби за клевета и навреда, за по декриминализацијата да бидат поднесени 45 предмети – но за период од четири години. Најдрастично опаѓање на бројот на предмети кои се водат за навреда и клевета пред и по декриминализацијата се чини има во битолскиот суд – таму ако во 2011 година се воделе 59 предмети, во 2013 – се свеле само на осум тужби.

Иако бројката на тужби по декриминализацијата на клеветата и навредата генерално се намалува, тужбите против новинарите и политичките противници се уште се користат како форма за реваншизам и притисок. Кон тоа придонесуваат високите парични казни кои ги изрекуваат судовите, а кои не соодветствуваат на практиките на судот во Стразбур, на пример, како и долготрајните судски процеси, кои ги замолчуваат критичките гласови, влевајќи им страв од нови тужби и мачни спорови по судските лавиринти.

Политичарите во Македонија наместо во парламентот или пак во јавни телевизиски дебати кои последниве години се вистинска реткост, се почесто решаваат конечната пресметка да им биде во судница. Иако судот во дел од пресудите водел сметка висината на паричниот надоместок (од 6.000 до 20.000 денари) да биде одреден согласно економската ситуација во земјава, сепак постојат и исклучоци каде оние што го изгубиле спорот за клевета и навреда биле должни да платат и над 150 илјади денари.

Иако перцепцијата во јавноста е дека најчести гости на судовите се политичарите, бизнисмените, новинарите, сепак судските примери го покажуваат спротивното. Се поголем е бројот на спорови меѓу граѓаните кои не се јавни личности, а почувствувале „душевна болка“ или им бил „нарушен сонот“, или пак поради навредата која им ја нанеле соседите, или поранешниот партнер, некој роднина, или пак колега од работа, им се „покачил притисокот“. Мотивите се различни: реваншизам, семејни недоразбирања, ривалство, политички пресметки. На суд завршуваат и меѓусебна сосетска расправија или нетрпеливост на работното место. Поттик плус за покренување судски постапки се и значителните парични отштети на кои се надеваат тужителите.

Разочарани од исходот на судските процеси, високите парични казни, долгите и мачни постапки, непримената на европските судски искуства и практики, се поголем број граѓани се одлучуваат да ја побараат правдата пред Судот за човекови права во Стразбур.

Иако во земјава и пред и по донесувањето на Законот за декриминализација „врие“ од тужби за навреда и клевета, ваквите предмети ретко завршуваат пред европскиот суд. Всушност, може да се каже дека Македонија досега немаше ниту еден предмет кој се однесува директно на повреда на член 10 – слобода на изразување од Европската конвенција на човекови права и слободи. Но, во наредниот период се очекува да бидат поднесени лавина тужби по овој основ, но и бидат донесени првите пресуди за двете апликациите кои веќе се поднесени до Стразбур – случајот „Гелевски“ и „Макрадули“.

Според Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП, по членот 10 досега се поднесени апликации за предметот на Никола Гелевски, како и две споени апликации поднесени од страна на Јани Макрадули, а за кои се уште се очекува донесување на пресуда. И Гелевски и Макрадули се уште немаат никаков абер за исходот од жалбите во Стразбур. Пред овој суд „моралната сатисфакција“ се одлучија да ја побараат и уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов кои беа парично казнети 9 илјади евра за нарушување на честа и угледот.

Автор:Даниела Трпчевска

Извор:Утрински весник

Партнери на Правдико