Судскиот процес за смртоносниот пожар во ноќниот клуб во 2012 година ја разбранува Србија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Србија две години внимателно го следи судењето на обвинетите за смртта на шест лица во пожарот во ноќниот клуб во Нови Сад, најголемиот град во српската покраина Војводина.
Но, и покрај тоа што сопствениците и закупците на клубот добија затворски казни, родителите на жртвите велат дека не се задоволни од, како што ги нарекоа, благите казни, долгите и неефикасни судски постапки, како и од тоа што нема одговорност на државните службеници кои му овозможиле на клубот да работи.
„Ваква минoрна казна заслужува осуда, бидејќи ја покажува недоследноста на судот, слабоста на системот и државата“, изјави Бранко Миладиновиќ, татко на една од жртвите, откако четворицата обвинети беа осудени на пет до девет години затвор.
„Нема да застанеме тука, ќе се жалиме и ќе ги продолжиме постапките, бидејќи нè интересира зошто одговорните претставници на државните институции, директорите и раководителите не се, исто така, казнети.“
Обвинетите добија казни заради несоодветно одржување на инсталациите во ноќниот клуб Контраст, каде што шест луѓе загинаа на 1-ви април 2012 година. Сепак, родителите сметаат дека обвиненијата требаше да ги вклучат и луѓето од државниот инспекторат кои дозволиле клубот да работи и покрај недостатоците, како и пожарникарите, за кои тие велат дека бавно реагирале на пожарот.
По лутите реакции на родителите и јавноста, обвинителството во Нови Сад отвори истрага против четворица инспектори кои го контролирале ноќниот клуб.
Но, судењето покрена две важни прашања кај српската јавност: ефикасноста и ефективноста на судството, како и безбедносните услови во угостителските објекти во кои често доаѓаат млади луѓе.
Родителите и пријателите на жртвите од Контраст основаа фондација наречена „Вистина – законите на Тамара“ (наречена по една од жртвите), во обид да се заложат на организиран начин за превенција и поостри казни на сериозните кривични дела.
Бранко Миладиновиќ, татко на починатата Тамара, изјави за SETimes дека „нема да се откаже од борбата за правда“.
„Ќе се трудиме да спречиме уште некој во овој град да погине на начин на кој погинаа нашите деца. Нема да бидам среќен, бидејќи не можам да ја вратам Тамара, но барем ќе го одржам ветувањето што го дадов на нејзиниот погреб“, рече Миладиновиќ.
Тој додаде дека многу малку е направено во Србија за спречување на пожарите и дека „младите во Србија не се безбедни“.
Ставот на родителите, исто така, е поддржан од началникот на Секторот за вонредни ситуации во Министерството за внатрешни работи, Предраг Мариќ. Тој изјави за SETimes дека законите за заштита од пожари во угостителските објекти треба да претрпат измени.
„Ноќен клуб не смее да биде регистриран ако не се поднесат докази дека е обезбедена заштита од пожари. Не треба прво да ги регистрираме објектите, а потоа да ги оставаме да се справуваат со противпожарната заштита“, рече Мариќ.
Според него, казнената политика за ова прашање досега беше премногу блага, бидејќи сопствениците на ваквите објекти можеа да платат мали парични казни, наместо да инвестираат во заштита.
Министерот за правда, Никола Селаковиќ, рече дека контроверзниот случај ќе биде проверен, но истакна дека Министерството за правда може да врши само ограничен увид.
Министерот додаде дека повисоките судови треба, исто така, да го проверат случајот за да утврдат дали имало какви било грешки во водењето на судската постапка.
Извор: SETimes