Судскиот совет бара од Врховен и од апелациските судови да ја изденачат казнената политика
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Судскиот совет испрати барање до Врховниот суд, како највисок суд, кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и изедначување на судската практика, со кое укажува дека судот е неопходно да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.
Во дописот до Врховен суд, Судскиот совет наведува: во согласност со член 101 од Уставот, Врховниот суд обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Врховниот суд преку обезбедување единство во примената на законите ја изедначува судската практика. Затоа е формирано одделение за изедначување на судската практика во рамките на Врховниот суд. За постигнување на оваа цел, во согласност со член 37 од Законот за судовите, предвидени се начелни ставови и начелни правни мислења за обезбедување единство во примена на законите. Тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции во врска со актуелни предмети во однос на изречени санкции од областа на сообраќајот, особено за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, Судскиот совет укажува на неизедначена судска практика во однос на казнената политика. Оттаму и потребата да се приспита казнената политика, односно да се обезбеди единство во примената на законите.
Судскиот совет напоменува дека вакво барање до Врховниот суд е испратено и во септември 2020 година, поттикнато од неизедначената судска практика и од поднесените голем број претставки од граѓани до Судскиот совет во врска со изречени санкции за кривични дела од областа на сообраќајот.
Барање со слична содржина од страна на Судскиот совет е испратено и до апелациските судови во Скопје, Битола, Штип и во Гостивар, со цел и тие да се вклучат во процесот на изедначување на казнената политика во врска со кривините дела од областа на сообраќајот.
Во дописот до апелациските судови се наведува: Имајќи предвид дека апелациските судови најчесто двапати во годината расправаат за правни прашања за кои не е усогласена судската практика, Судскиот совет дава целосна поддршка судовите да продоложат со ваквата практика, особено што во изминатиот период на разни апелациски подрачја се зачестени појавите на неизедначена судска практика за кривични дела од областа на сообраќајот.
Дополнително, членови на Судскиот совет, во својство на координатори на судовите, ќе направат увид во неколку предмети од областа на сообраќајот што се водат во некои од судовите, а за кои во последно време има реакции во јавноста.
Извор: Макфакс