Правдико

   

Сведочење за „Рекет“: Чифлиганец и Савова се обидувале да влијаат врз истрагата за Камчев и Мијалков

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ванчо Чифлиганец, сопственикот на градежната компанија Адора инжинеринг, бил кај обвинителката Лиле Стефанова за да се интересира за предметот „Империја”, кажа таа на денешното сведочење пред Кривичниот суд за случајот „Рекет”.

„Во какви односи сте со Чифлиганец?”, праша адвокатката на Катица Јанева, Лени Фрчкоска.
„Не знам што мислите под блиски. Љубовница не знам која му е. Го познавам, но не сме во лични пријателски односи”, рече Стефанова.

Тој од неа барал информации зошто се води истрага против бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Нормално, не оддадов никакви информации за предметот и го продолживме разговорот на други теми”, рече Стефанова, додавајќи дека Чифлиганец и Камчев имале заеднички бизниси и заедничка фирма. Таа вели дека Камчев постојано наоѓал начини и „врски” за да се информира и да влијае на истрагата за „Империја“, но не сакаше да каже преку кои посредници.

Стефанова спомена и писмо напишано од Наташа Савова за да се олесни положбата на Камчев во истрагата.

„Во ноември 2018 година го викнав осомничениот Камчев во СЈО од притвор. Во моментот додека стручниот соработник го носеше адвокатот во просторијата, Камчев искористи еден момент и ми извади еден лист хартија од џеб и рече: ’Читај за да се запознаеш со мене‘. Горе на листот стоеше лого ’Аџибадем Систина‘. Текстот беше напишан од Наташа Савова. Ми беше препорачано да разговарам со Сашо Мијалков за тие да бидат ослободени од оваа истрага. Камчев ми укажа дека многу луѓе се околу него и може да влијае на истрагата“, сведочеше Стефанова.

Обвинителката Стефанова веќе 2,5 часа сведочи пред судот за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева за изнуда на 1,5 милиони евра рекет од бизнисменот Орце Камчев.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико