Сведоците за „Диво насеље“ го опишаа денот пред судирот во Куманово | Правдико

Правдико

   

Сведоците за „Диво насеље“ го опишаа денот пред судирот во Куманово

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Седуммина сведоци на одбраната во понеделник сведочеа во судскиот процес Диво насеље, претежно роднини, соседи и пријатели на обвинетите зборуваа за денот пред судирот на полицијата со терористите во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година.

Сведокот, Игор М. вработен во МВР, даде исказ по барање на обвинетиот Арсим Бајрами, како за колега со кој се видел критичниот ден на 9 мај 2015 година. Сведокот рече дека утрото на 9 мај се видел со обвинетиот Бајрами во селото Речица, кога Бајрами му рекол дека оди кон полициската станица бидејќи го повикале, а инаку бил на боледување.

Обвинетиот Бајрами има 34 години, женет е и има две малолетни деца. Завршил Факултет за јавна администрација на државниот тетовски универзитет и бил вработен како полицаец во МВР.

Момчило Ц., вработен во средно училиште, во судот се појави по покана на одбраната на обвинетиот Ирфан Љутвиу, кој му бил бербер, кај кого се шишал на 3 мај, а неговиот син вечерта пред крвавите настани во кумановско. Сведокот објаснуваше дека берберот работел до доцна навечер, бидејќи кај него секогаш имало гужва. Обвинетиот Љутвиу има 36 години и има две малолетни деца. Завршил средно образование и работел како бербер. Живее во Куманово, на улицата во кој се случи нападот од терористичката група врз полицијата.

Сведочеше Саити И., кој бил колега на обвинетиот Мусадик Бајазити, посведочи дека двајцата работеле во општина Липково, каде што обвинетиот бил портир, а неделата пред настаните, со обвинетиот биле на работа и организирале стража, по настаните во Гошинце, бидејќи тие дополнително се грижеле за безбедноста на локалните жители.

Се појавија и неколку сведоци на покана на 47-годишниот обвинет Бесник Ајдини. Сведоците посочија дека со Ајдани се виделе ден пред терористичкиот напад, и поминале голем дел заедно.

Адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, изјави дека од следното рочиште закажано за в петок ќе бидат сослушувани обвинетите.

Доколку од исказите на обвинетите произлезат и други имиња, одбраната ќе побара и тие да бидат повикани како сведоци. Досега, тврди Рауфи, обвинетите не дале исказ ниту во истрага.

Судењето подолг период беше затворено за јавноста бидејќи искази даваа заштитени сведоци и беа презентирани посебни истражни мерки поврзани со овој случај.
Во мај 2015 година во судир меѓу полицијата и вооружена група загинаа осуммина македонски полицајци и десетмина припадници на вооружената група. За овој случај им се суди на на вкупно 37 лица.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико