Тасевски: Поминале многу години, обвинетите не можат да се сетат дали СМС-пораките се автентични
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Одбраната на обвинетите во случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ на денешното рочиште поднесоа приговор до судот на материјалите што ги презентираше специјалното јавно обвинителство на досегашните рочишта во доказната постапка, вклучувајќи ги СМС-комуникациите и телефонските разговори. Според Боро Тасевски, адвокат на обвинетиот Никола Груевски, се става во прашање автентичноста на СМС-пораките со оглед на тоа дека поминале повеќе години од кога датираат разговорите и обвинетите не можат да се сетат на нив и да кажат дали се автентични.
„Со оглед на долгиот временски период од 5,6,7 години на кој се однесуваат комуникациите и неможноста наводните учесници во предметот да се сетат дали истите се навистина сторени и со токму ваква содржина, поднесувам приговор за автентичноста на материјалите кои наводно потекнуваат од незаконското следење на комуникациите“, рече Тасевски.
Тој, покрај другото, како причина за приговорот е и големиот број лица низ кои поминале материјалите пред нивното предавање на СЈО.
„Сметаме дека безрезервно не смее да се подари верба на нивна автентичност. Предлагачот треба да ја докаже автентичноста, а обвинителството не го стори тоа“, рече Тасевски.
Адвокатот Еленко Миланов, пак, истакна дека одбраната ангажирала технички советници кои ќе поднесат вештачења на прибавените разговори и СМС-пораките кои обвинителството ги презентираше во текот на доказната постапка. Миланов најави дека вештачењата ќе бидат ставени во листите на докази на одбраната.
Димитар Дангов, кој е исто така дел од одбраната на обвинетите, рече дека според Венецинската комисија разговорите и СМС-пораките воопшто не треба да бидат земени предвид како докази.
„Аудиоснимките и СМС-пораките не се прибавени од страна на СЈО и согласно со член 2 од Законот за заштита на приватноста е забрането таквите докази да се употребуваат во оваа постапка, истото го вели и Венециската комисија“, рече Дангов.
Адвокатот исто така се повика и на член 12 став 2 од Законот за кривична постапка, кој, според него, вели дека е забрането ваквите докази да се користат и на нив да се заснова судот.
Со денешното рочиште, обвинителството заврши со презентирање на аудио и СМС-комуникациите помеѓу обвинетите. Наредното рочиште за случајот ќе продолжи со изнесување материјални докази од страна на обвинителството.
Извор: Макфакс