Таткото на обвинетата сведочеше на судењето за убиството на Пино – Ангела криела дека Фуркан ѝ е дечко | Правдико

Правдико

   

Таткото на обвинетата сведочеше на судењето за убиството на Пино – Ангела криела дека Фуркан ѝ е дечко

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На денешното рочиште за убиството на Пино Секондо, таткото на обвинетата Ангела, Златко Ѓорѓиевски, сведочеше како сведок на одбраната. Обвинителката Лидија Раичевиќ го праша што се случило кога се дознало дека Пино е најден закопан.

„Јас ѝ реков – ‘зошто не кажа?’, но ние имавме многу малку време за да разговараме затоа што ја приведоа“, сведочеше Ѓорѓиевски.
„Ангела е дете како и сите други деца, сè досега било во нормала. Знаела и позитивно и негативно да изненади. Во суштина е добро дете“.

По исчезнувањето на Пино, Ангела се повлекла и станала поплашлива, а не славела ни Нова година. Ѓорѓиевски раскажа за тоа како го запознал Фуркан Али, кој е обвинет за убиството на Пино.

„Дома кај нас беа дојдени другари и другарки на Ангела, се дружеа во нејзината соба и си заминаа со два автомобила. По некое време, се врати Ангела со Фуркан и кажаа дека автомобилот со кој тие се возеле бил дефект. Јас му помогнав и тоа беше првиот пат кога го запознав“, сведочеше Ѓорѓиевски.

По таа првична средба, таткото на Ангела уште неколкупати наидувал на автомобилот на Фуркан.

„Чувствувам потреба да кажам дека на социјалните мрежи јас, мојата сопруга и пошироката фамилија сме оцрнети со недолични зборови и навреди. Првин имаше информација дека јас сум шофер што не знаел ништо, дека сме разведени, а не сме, сè со цел да се прикаже дека Ангела е дете од нефамилија“, сведочеше Ѓорѓиевски.

„Мене многу ми е жал за изгубениот живот. Секогаш кога ќе отидам во црква, палам свеќа, но со ваквото однесување на госпоѓата Маја, не заслужува да ѝ изразам сочувство. Дури имаше заговор од луѓе за да ја истепаат мојата сопруга на работа“, рече Ѓорѓиевски.

„Ниту јас ниту сопругата не знаела дека Фуркан ѝ е дечко“, рече таткото на Ангела одговарајќи на адвокатско прашање.

Обвинетата Ангела почна да плаче за време на сведочењето на татко ѝ.

Судот го одби предлогот на одбраната за повторно испитување на мајката на Пино.

Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за 24 феврури.

Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.

Искра Манојлоска

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико