Тирана и Белград ќе го охрабруваат помирувањето во Косово | Правдико

Правдико

   

Тирана и Белград ќе го охрабруваат помирувањето во Косово

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Официјалните претставници од Албанија и Србија ја охрабруваат меѓуетничката толеранција и го поттикнуваат создавањето клима без страв и насилство за повратниците.

ERLphoto

Албанија го промовира мирниот соживот меѓу Србите и Албанците во Косово поттикнувајќи го етничкото помирување и толеранцијата, кои се надева дека ќе водат до интеграција на српското малцинство, враќање на бегалците и траен мир, велат експертите.

Илир Мета, претседателот на албанскиот парламент, го посети градот Гњилане во Косово претходно овој месец, по посетата на премиерот Еди Рама на Србија, за да го поттикне процесот на помирување.

Мета ги пофали стандардите што ги ужива српското малцинство и рече дека истите се резултат на визијата и толеранцијата на луѓето што живеат таму и кои се вистински европски граѓани.

„Сметам дека е исклучително важно да постои одличен меѓуетнички соживот“, рече Мета.

Многу Срби кои го напуштија Косово стравувајќи за својата безбедност за време и по војната во 1999 година, се обидуваат да го вратат својот имот.

Најмалку 2.000 српски семејства се изјаснија во приштинското Министерство за заедниците и враќањeто (МЗВ) дека имаат намера да се вратат во Косово.

„Целата влада мора да се вклучи за да има масовни враќања. Овие луѓе направија сè што можеа. Но, средствата доделени за нивно враќање не се доволни и, несомнено, мора да имаме повеќе средства следната година кога ќе се случат враќањата. Нè чекаат конкретни работи кои [мора] да се решат“, рече Александар Јаблановиќ, министер за заедниците и враќањето.

Новоназначениот премиер на косовската влада, Иса Мустафа, вети 7,6 милиони евра за ова министерство.

Покрај тоа, владата на Албанија додели 400.000 евра за реконструкција на оштетениот манастир Грачаница. Повеќе од 100 српски цркви и манастири беа уништени или оштетени од страна на албанските одмаздници во Косово за време и по војната.

Официјалните претставници велат дека интеграцијата на Србите оди тешко поради стравувањето од етнички мотивирано насилство врз нив и тешката економска ситуација во Косово.

„Проблеми има, но ако успееме да ги решиме на мирен начин, тогаш нема да има мотив или причина во иднина односите меѓу Албанците и Србите да бидат непријателски“, рече Љутфи Хазири, претседател на општина Гњилане.

Но, експертите велат дека Албанија и Србија треба двојно да ги зголемат своите напори за да се постигнат реални резултати.

„Тирана треба да упатува пораки за охрабрување на помирувањето“, рече за SETimes Аднан Шехај, специјалист во Европскиот центар за помирување во Тирана.

Шехај рече дека Албанците и Србите мора да се фокусираат на иднината, наместо на минатото.

„Луѓето во Косово треба да работат заедно на градењето на новата држава и подобрувањето на квалитетот на животот според добриот пример на европските вредности“, рече Шехај.

Помагајќи им на повратниците владата се обидува да создаде позитивна атмосфера без страв, рече Беким Блакај од Фондот за хуманитарно право во Приштина.

„Со ваков вид помош, се рушат предрасудите и се воспоставува еден вид доверба меѓу заедниците. Тоа го отвора патот кон помирувањето во иднина“, рече Блакај за SETimes.

Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, рече дека е време елитите на двете страни да започнат дијалог кој ќе води до нормализација на односите и на крајот помирување.

„Косовските институции треба да го гарантираат соживотот и постојат напори во тој правец. Мора да има поголеми напори од страна на Белград за охрабрување на Србите да се интегрираат и да ја прифатат реалноста“, рече Бисерко за SETimes.

Луш Ѓерѓи, католички свештеник во Косово, рече дека земјата го потцени ризикот од верскиот екстремизам.

„Треба да продолжиме за да постигнеме простување … Работата на владата и невладините организации треба да има широка поддршка кај народот, особено во семејството, училиштето и во општеството, масовните медиуми, насекаде. Само на тој начин може да се осигури позитивен и конструктивен резултат“, рече Ѓерѓи за SETimes.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико