Транзицијата и работничките права
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Неодамна, за еден штрајк на текстилни работнички во Велес беше известено под следниот наслов: „Мизерни плати – експлоатација како во раниот капитализам.“ Овие работнички работеле по 10 часа дневно, два месеци не зеле плата, а газдите не им плаќале ниту боледување, ниту хранарина. Според нивните изјави тие неколкупати пријавувале во трудовата инспекција, но инспекторите замижувале пред експлоатацијата. Иако исплашени дека газдите ќе им се одмаздуваат, тие сепак се одважија да излезат на штрајк.
Постои и поинаква перцепција на состојбите. На 20 јануари 2005 година, само три дена по усвојувањето на измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со кои значително беа намалени правата на работниците кои по сила на приликите се без работа, тогашниот министер за труд и социјална политика Стевче Јакимовски најде за сходно да изјави дека е потребно „оној што работи да не биде заштитен како мечка во планина туку да тој биде изложен на оценки. Нормално одреден број на стопанственици сметаат дека одредени права се многу високи и дека треба драстично кратење.“
Оттука, се поставува прашањето: каква е фактичката состојбата со работничките права во Македонија? Дали навистина македонските работници се заштитени како мечки во планина или врз нив се врши експлоатација како во раниот капитализам? Од една страна, несомнено е дека некои лица, врз основа на своите интереси и/или идеолошки позиции, стојат на мислењето дека работниците се доволно заштитени, па дури и дека сè уште имаат премногу права.
Но, од друга страна, несомнено е и тоа дека работниците, на своја кожа, чувствуваат дека законот недоволно ги штити и дека газдите ги третираат онака како што сакаат, а не онака како што е пропишано во законот.Обично, кога станува збор за незадоволителната состојба со работничките права во Република Македонија се мисли на тоа дека не се почитуваат правата што на работниците им ги гарантира законот. Односно, дека главниот проблем со работничките права е нивното кршење. Како што може да покаже секое теренско истражување, кршењето на работничките права во Република Македонија е сериозен проблем кој начително го влошува животниот стандард и човечкото достоинство на работниците. Но, положбата на работниците немаше да биде дотолку лоша ако само ова беше проблем. Далекупомалку воочлив проблем кој е барем исто сериозен колку кршењето на работничките права е нивното постојано намалување. За намалување или кратење на работничките права зборуваме кога преку донесување на нова законска регулатива (измени и дополнувања на постоечки закон или изгласување нов закон) доаѓа до намалување на правата кои законот им ги дава на работниците.
Наспроти тоа, кршењето или непочитувањето на работничките права подразбира оневозможување работниците да ги уживаат оние права што се пропишани во законот. И додека и кај самите работници и кај пошироката јавност има јасно изградена свест дека работничките права константно се кршат, тоа е далеку од точно во поглед на намалувањето на работничките права.Со цел да се покаже дека и намалувањето на работничките права е доста сериозен проблем, пристапено беше кон истражување на законската регулатива што се однесува на работничките права во Република Македонија. Целта на ова истражување, исто така, е да покаже дека станува збор за процес на намалување на правата, односно дека не се работи за изолирани случаи на намалувања на правата при што доаѓа де до намалување де до зголемување на правата. Целта на истражувањето е да покаже дека континуирано, без разлика која политичка партија е на власт, биле донесувани промени во законската регулатива на штета на правата на работниците…
Во врска со кршењето и намалувањето на работничките права вреди да се спомне и тоа дека овие две појави не се со ѕид одвоени една од друга. Всушност, зацементирањето на губењето на одредено право се случува токму на таков начин што неуживањето на одредено право, преку усвојувањето на соодветна законска регулатива, престанува да биде кршење и станува намалување на правата. Саркастично, еден од начините на надминување на дискрепанцата помеѓу законски даденото право и фактичкото кршење на тоа право доста често се надминувала или барем се намалувала преку усвојување промени во законската регулатива кои резултираат со намалување на правата на работниците. На тој начин, оневозможеноста работникот да остварува одредено право се трансформира од кршењето на законските одредби во постапување согласно законот.
Ова е уште еден показател колку сериозен проблем е законското намалување на правата. Брошурите и прирачниците кои се однесуваат на работничките права во Македонија обично ги прикажуваат моменталните права кои ги уживаат работниците во дадена област.Пристапот воопшто не е лош сам по себе, но постоењето само на вакви студии оневозможува да се кристализира сознанието дека се случува намалување на правата што ги имаат работниците. Покрај тоа, при постојното темпо на секое-годишно намалување на работничките права, ваквите брошури и прирачници доста брзо стануваат застарени и неупотребливи за работниците, кои повеќе не можат да се повикуваат на одредено право, бидејќи тоа право во меѓувреме законски престанале да го уживаат.
Наспроти ваквиот позитивистички пристап кон материјата на работничките права, во оваа студија е применет компаративниот пристап. Ќе бидат анализирани две категории закони: матичните закони што се однесуваат на работничките права и оние закони кои примарно обработуваат друга проблематика, но сепак вклучуваат одредби кои ги засегаат работничките права. Анализата се однесува на периодот од почетокот на транзицијата до крајот на 2009 година,
при што ќе се врши споредба на одредбите на измените и дополнувањата со законот на кој се однесуваат, а онаму каде што дошло до усвојување на нов закон, ќе се споредуваат одредбите на новиот закон со одредбите на претходниот закон што ја покрива истата материја… Самите формулации во измените и дополнувањата, типично, често се доста опскурни. Но, таквите опскурни формулации од типот „член 73 се брише“, или „во членот 68 став 2 по зборовите: ’по-
веќе од‘ се додаваат зборовите: ’80% од‘.“ може да содржат суштинска промена со која драстично се намалуваат правата на работниците…
Би сакале уште да спомнеме дека не ја сметаме оваа студија за завршена целина која нема потреба од евентуални подобрувања. Работничките права во Македонија беа и ќе бидат на удар, многу повеќе ако самите работници и политичките субјекти кои ги застапуваат нивните интереси не застанат во одбрана на работничките права.