Правдико

   

Тревога во ЕУ: Инфилтрирани терористи во новиот бран бегалци

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европската Унија е под максимална тревога како резултат на низата нови сериозни предупредувања од страна на повеќе европски разузнавачки служби дека исламистички екстремисти и терористи, заедно со бегалците, кои се очекува деновиве да навлезат во Европа преку балканските земји, планираат нови напади и насилства низ континентот.

Едно од ваквите предупредувања пристигна преку италијанскиот весник „Република“, кој, повикувајќи се на извештаи на полициски и на безбедносни служби, тврди дека „Европската Унија ги блиндира своите граници“, особено откако на аеродромот „Орли“ во Париз беше убиен исламски терорист што се обиде да убие војници, полицајци и патници. Сите безбедносни сили на ЕУ се во состојба на најголема подготвеност, вклучувајќи ја и Италија, која на 25 март ги пречекува шефовите на државите и на владите на ЕУ во Рим, каде што ќе ја прослават 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор. Македонија, како и другите земји од Балканот преку кои поминуваат мигрантите, според сите досегашни предупредувања, е изложена на ризик од тероризмот, за што, меѓу другото, претседателот Ѓорге Иванов разговарал со својот унгарски колега Адер Јанош во вторникот во Будимпешта.

Унгарскиот претседател истакнал дека Унгарија е една од државите што на Македонија ѝ дадоа безрезервна поддршка и помош за справување со илегалната миграција и опасностите што ги донесе таа. На средбата станало збор и за најавите за втор мигрантски бран и за продолжување на соработката во насока на решавање на сите предизвици што можат да се случат во овој период, кога се чувствува раздвиженост не само од Блискиот Исток туку и од Африка кон Европа.
Во меѓувреме значително е зголемен приливот на нови бегалци и мигранти на грчките острови. Бегалците и мигрантите на Хиос и на Лезбос изминатиов викенд одржале и протести по повод една година од потпишувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција.
Паралелно на ова, домашната експертска јавност, по најавите за зголемена претпазливост на ЕУ како резултат на новиот мигрантски бран што може да пристигне, веќе неколку недели алармира на ризикот од раздвижување на исламистичките радикални структури што заедно со бегалците се пробиваат кон Европа.

Политичко-безбедносниот експерт Јордан Тасев појаснува дека регионот треба да биде претпазлив по ваквите предупредувања што доаѓаат од Европа и дека земјите од опкружувањето треба да бидат подготвени за да превенираат навремено какви било безбедносни предизвици што евентуално би дошле заедно со мигрантите или исламистичките структури во опкружувањето.
– Европа и Балканот во наредниот период ќе бидат плодна почва за радикалните движења што се стремат кон предизвикување насилство. Тоа доаѓа по последните тензии меѓу ЕУ и Турција и најавите за отфрлање на договорот за бегалците од страна на Анкара. Ваквиот чекор ќе биде добредојден токму за овие групи на Балканот што ќе сакаат да го искористат моментот за повторното активирање на балканската маршрута и да се обидат да направат нешто – вели Тасев.

Тој објаснува дека во вакви услови на разединета Европа, Македонија, Бугарија, Србија и другите земји од регионот би можеле да го извлечат најдебелиот крај.
– Балканот е патот по кој токму овие екстремистички идеологии, на кои ЕУ предупредува со години, најчесто минуваат кон Европа. Во земјава сме сведоци дека всушност има и одредени структури што ги поддржуваат овие радикални струи, па, оттука, може да се заклучи оти тие лица лесно ќе најдат и одредена логистика, преку која би можеле да преземат некаква акција со која би се загрозила и безбедноста на нашата држава – појаснува Тасев.

Според него, во овој момент најважно е земјите од Балканот да имаат зголемена размена на безбедносни информации, бидејќи тој долги години е оставен сам, без поголема помош од ЕУ во однос на вакви прашања.
Имено, поради губењето на териториите, тешките воени порази и фактот дека нивните упоришта во Рака и во Мосул се пред колапс, лидерите на ИД ги испраќаат своите борци во Западна Европа за да „удрат врз Европа однатре“, пишува италијанскиот весник и укажува дека таканаречениот калифат на Исламска држава шири пропаганда преку Интернет со порака до џихадистите: „Мора да сеете смрт на Западот, убивајте ги насекаде“. Весникот додава и дека „има сѐ повеќе знаци дека разбиени делови на екстремистите од Ирак и од Сирија се обидуваат да се вратат во Европа, движејќи се најчесто по балканските патишта каде што можат да сметаат на стара и нова поддршка“.

– Тие себеси се сметаат за следбеници на хиџра, светото заминување на Мухамед од Мека во Медина во 622 година, кое му овозможило да избега од непријателите и повторно да ги собере своите луѓе – се вели во написот на италијанскиот весник. Понатаму се додава дека станува збор за борци што не сметаат дека биле поразени и веруваат во верската задача без задршка, борци што се прекалени во месеците војување и подготвени на сѐ. Според „Република“, сериозна загриженост и страв предизвикува фактот дека поразите на Исламска држава ѝ дале полет на конкурентската исламистичка мрежа Ал каеда, чии борци сега сѐ пожестоко дејствуваат во Сирија и во Либија, а се будат и заспани ќелии на Ал каеда низ Европа.

– Анализите на разузнавачките и безбедносните служби покажуваат дека екстремистите самоубијци, доколку немаат огнено оружје, посегнуваат по ножеви, автомобили, камиони… сѐ со една ужасна цел, да убијат – заклучува италијанскиот весник.
За слични алармантни информации јавуваат и белгиските медиуми. Имено, тие пишуваат дека терористите што ги извршија терористичките акции во Брисел пред една година оставиле скриен арсенал, доволен за извршување нов напад. Податоците се од извор близок до истрагата и биле извадени од компјутер, фрлен од напаѓачите, непосредно пред нападите на аеродромот и во метро-станица во Брисел.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико