Правдико

   

Трговија со влијание-кривично дело кое тешко се открива

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор: Вања Михајлова
Извор: Правен дијалог бр. 17 – март 2018

Трговијата со влијание е вид на корупција, која иако е криминализирана, многу малку  е позната меѓу НВО, медиумите  кои се бават со проблемот на корупција, но и за пошироката јавност.Наспроти овој факт, треба да се нотира дека трговијата со влијание не е нешто ново во дебатата за корупција.Негативниот импакт од овој феномен врз владеење на правото и човековите права, беше препознаено од меѓународните организации и го најде своето место во главните меѓународни конвенции против корупција, кои побараа од земјите членки да го криминализират ова незаконско делување.

Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата, во член 18, пропишува дека “ барање или прифаќање од страна на службено лице, или некое друго лице, директно или индиректно, на неприкладна погодност за себе или за некое друго лице со цел службеното лице или друго лице, да го злоупотреби неговото реално или претпоставено влијание заради стекнување неприкладна погодност(бенефиција) од државните или јавни службеници. “

Конвенцијата на ООН ги задолжува сите земји- членки кои ја потпишале и  ратификувале  да усвојат легислатива и други мерки кои може да бидат неопходни со кои трговијата со влијание ќе се предвиде како кривично дело, кога се извршува со намера.

-. Кривичното дело-трговија со влијание е вклучено  и во Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа од 1999 година.Главната цел на Конвенцијата е да развива стандарди кои опфаќат неколку кривични дела, иако не се нуди унифицирана  дефиниција за корупција. Хармонизирањето на дефинициите за специфични коруптивни  акти според оваа Конвенција,има за цел да ги спроведе барањата за двоен криминалитет.

Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа во член 12, трговијата со влијание ја дефинира  како“ намерно ветување за давање, или давање директно или индиректно, на неприкладна погодност (бенефиција) на лице кое изјавува или потврдува дека е во состојба да изврши непристојно влијание врз некое лице за донесување одлука, без оглед дали несоодветната погодност е за него, или за некое друго лице, како и барање, примање или прифаќање на понуда или ветување за таква погодност, во врска со таквото влијание, без оглед дали влијанието е извршено,или претпоставеното влијание води кон посакуваниот исход.“

Конвенцијата на Советот на Европа е ратификувана од 43 земји членки. Меѓутоа,  наспроти обврската која произлегува од оваа Конвенција за земјите-членки да ги инкорпорираат овие кривични дела во домашното законодавство, една четвртина од овие земји ставија резерва за воведување на кривичното дело-трговија со влијание.Ова наиде на остра критика од страна на ГРЕКО( група на земји за борба против корупцијата) при Советот на Европа,кој врши мониторинг дали земјите-членки го усогласиле домашното законодавство со стандардите на Советот на Европа за анти-корупција и дали ги имплементират неговите препораки на задоволителен  начин.

Државите кои не ја криминализирале трговијата со влијание согласно Конвенцијата на Советот на Европа, или кои  го искористија правото на ставање резерва,  ваквата одлука ја оправдуват со фактот што овој документ не нуди чиста, солидна и ефикасна дефиниција на ова незаконско делување, дека останува нејасно  дали ваквата активност може во одредени ситуации да се третира како легално или нелегално влијание, што дополнително ги зајакнува нивните верувања за резерва на овој член од Конвенцијта. Многу држави од друга страна, се обидуват да се справат со овој феномен преку криминализација  на ваквото незаконско делување преку други кривични дела како што е поткупот.

– Република Македонија кривичното дело-трговија со влијание го предвиде во Кривичниот законик ( член 358-а) како “Давање награда за противзаконито влијание“.

Трговијата со влијание во овој член е дефинирана како ситуација кога:“ лице кое на друг директно или индиректно ќе му даде награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист, за него или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши определено службено дејствие што би морало да се изврши, или да не изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши,“ за што ќе се казни со затвор од една до три години.

Построга казна( од една до пет години затвор) е предвидена за лице кое-“ наградата, подарокот или другата корист, ветувањето или понудата за таква корист, директно или индиректно, ќе ги даде на друг за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши“,  Доколку пак, делото  е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице, е предвидена казна затвор од три до пет години.

 Кривичното дело“Примање награда за противзаконито влијание“, предвидено во член 359 од КЗ е дефинирано како активност кога лице- “директно или индиректно ќе прими награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист за себе или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што морало да се изврши, или да не се изврши што не смеело да се изврши“. За ова дело е  предвидена казна  затвор од една до три години,а доколку делото е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице е предвидена казна затвор од една до пет години,

-Дел од експертите ова кривично дело го опишуват со поедноставна дефиниција, односно дека се работи за ситуација кога службено лице го злоупотребува своето влијание за донесување одлука која е од интерес за трета страна( лице, институција или Влада) за возврат за неговата лојалност, пари или друга материјална или нематеријална корист.Трговијата со влијание, исто така, се дефинира и како корупција која е ориентирана кон моќта, која е фокусирана главно за добивање вработување и со влијание врз оние кои ја имаат таа моќ, како корупција која е усмерена кон богатство и која ги таргетира  договорите на Владата, имплементација на определени политики или специфични аспекти на легислативата.

–  Правни дилеми  за препознавање на трговијата со влијание како кривично дело

Наспроти дефинирањето и криминализирањето на трговијата со влијание како кривично дело, постојат мислења дека трговијата со влијание е форма на корупција која може тешко да се сфати и разбере, дека многу често е тешко да се обсервира бидејќи актот на  корупција типично не  се извршува на јасен и очигледен начин. Специфичната природа на кривичните дела поврзани со корупција како што е трговијата со влијание во одредени случаи го прави ова кривично дело тешко за откривање, бидејќи може да се третира  и како легитимна активност(како што тврдат и земјите кои ставија резерва за криминализација на ова кривично дело), иако нема дилеми дека трговијата со влијание е ситуација кога службено лице го злоупотребува своето влијание врз процесот на донесување одлуки за трета страна. Дали на службеното лице му е вршено влијание за да донесе определена одлука во многу случаи е тешко да се докажува бидејќи врската помеѓу субјектот кој врши влијание и субјкетот врз кое е вршено влијание не е многу јасна и останува тешко да се истражува и докажува во практика.

Напроти таквото тврдење, според реномираниот економист и аналитичар Вито Танзи (кој со години беше на врвните позиции во Меѓународниот монетарен фонд), корупцијата може лесно да се препознае  кога подлабоко ќе се обсервира, исто како и трговијата со влијание  која може лесно да се препознае кога ќе се  изврши такво дејство.

Трговијата со влијание е особено присутна при финансирањето на политичките партии од страна на центри на моќ, посебно од бизнис секторот. Преку овој вид на корупција  се влијае врз министри, пратеници,градоначалници или други високи функционери,преку финансирање на нивните политички активности во изборната кампања, а за возврат да   се добијат тендери,со што повеќеструко ќе си ги повратат вложените средства за финансирање  на политичките партии.

Поради ова, трговијата со влијание може да предизвика сериозно нарушување врз функционирањето на  демократскиот систем, повреда на принципите на еднаквост и да ги еродира принципите на мерит и  стручен капацитет.

Лобирањето не треба да се поистоветува со трговијата со влијание-

При дефинирањето на трговијата со влијание, во одредени случаи ваквите активности  може да се поврзат како лобирање за остварување на определена цел. Ваквите  ставови  се неприфатливи и треба да се прави јасна дистинкција помеѓу овие две активности.Трговијата со влијание треба да се разликува од  формите на лобирање  кои не спаѓат под “неприкладно“ влијание кое мора да содржи намера за корупција преку   т.н.“влијание со торбарење”-или услуга за услуга, додека лобирањето или обидот за вршење влијание е со намера за добивање специфична корист од јавните службеници инволвирани во донесување на определена одлука која е за општа цел, без да се очекува враќање во нешто. Лобирањето не се смета за нелегално, бидејќи овој вид на активност нуди можност на невладиниот сектор и заинтересираните групи да извршат политичко влијание,што е фундаменатлно демократско право за влијание врз носителите на функции или на моќ, или да го искажат правото на слобода на изразување.

Примери на трговија со  влијание

Наспроти дилемите за криминализација на ваквото незаконско делување, одредени случаи на трговија со влијание поттикнаа голем интерес во јавноста во земјите со развиена демократија и владеење на правото.На пример,скандалот со Војвотката од Јорк, Сара Фергусон, која им вети на одредени моќни структури пристап до бизнис активностите на поранешниот сопруг, принцот Ендрју, кој е неофицијален трговски аташе на Велика Британија, е  само еден од многу очигледните случаи во кои лице ветува да изврши неприкладно влијание врз донесување на одлуки од јавен службеник во замена за одредена корист.

Обвинувањата од пред неколку години за нелегално финансирање на изборната кампања на поранешниот француски председател- Никола Саркози од реномираната козметичка куќа- Л,Ореал и за влијание на други лица вклучени во овој скандал, се пример  колкава вредност има можноста за имање пристап до оние кои носат одлуки. Во однос на сегашните сериозни обвинувања за Никола Саркози дека изборната кампања била финансирана од страна на поранешниот Либански педседател Гадафи,сеуште нема елементи дали може да се третира како трговија  со влијание и што е добиено за возврат, или се работи за нешто друго.Она што е неспорен факт во земјите со развиена демократија, е дека медиумите широко ги покриват случаите на трговија со влијание, без оглед кои се личностите  вклучени во ваквите незаконски активности..

Македонија-Иако овој вид на корупција е инкорпориран во кривичното  законодавство на Република Македонија, во јавноста не се доволно познати случаи на покренати постапки и судски пресуди за трговија со влијание, особено такви кои би побудиле поголем интерес поради актерите вклучени во  вакви  незаконски дејства.

Државната комисија за спречување на корупцијата(во досегашниот состав) препознатлива по својата пасивност и игнорирање на коруптивните случаи, исто така, нема иницирано постапка за кривична одгворност за лица вклучени во овој вид на корупција( или за тоа не е запозната јавноста).

Медиумите, повремено исвестуват за случаи на финансирање на изборни кампањи и други активности на политичките партии од фирми кои за возврат добиват милионски наместени тендери, но ваквите случаи не беа до крај расчистени ниту надлежните органи покренаа соодветна постапка за истрага и процесуирање на истите.

Оттука, досега остана непознаница каква е поврзаноста на фирмите кои извршија увоз на стотици илјади половни возила од западно-европските земји, кои не ги исполнуват  еколошките стандарди и кои во голема мерка придонесоа за енормното загадување на воздухот што предизвикува штетни последици по здравјето на граѓаните. Дали и колку овие фирми извршиле влијание за донесување на таква одлука од страна на Владата и дали тие фирми за возврат  беа донатори на  политичките партии кои во тоа време беа на власт?

Или најновиот случај на промптна измена на Законот за пушење за чие донесување се заложија и изборија некои пратеници од владеачкото мнозинство, иако  измените  на овој закон по никакви параметри не може да се сметат дека се реформски, приоритетни или проевропски, освен што се од интерес на сопствениците на рестораните и кафулињата. Дали некои од овие сопственици кои имаат интерес од измените на Законот, ја финансирале изборната кампања  на политичките партии  на власт или  постојат и  други конекции?

Оттука се наметнува потребата од :

  • Зајакната активност на надлежните органи за откривање на случаите на трговија со влијание и нивно процесуирање и санкционирање, со цел криминализацијата на трговијата со влијание да не остане само на хартија,
  • Поттикнување на идните членови на ДКСК за превенција на таквите случаи и  иницирање постапки за кривична одговорност  во случаите кога  постои сериозно сомневање дека е извршено такво кривично дело,
  • Поголема активност на граѓанскиот сектор во целина и медиумите посебно, во истражување и облоденување на ваквите случаи и вршење притисок врз надлежните органи да ги  истражат, процесуират и санкционират ваквите  случаи,

 

Користена литература

1.Конвенција на ООН против орупцијата  https://www.unodc.org/documents/brussels/UN_Convention_Against_Corruption.pdf
2.Казнената конвенција против корупција на Советот на Европа https://www.coe.int › Conventions › Full list
3.Кривичен законик на РМ “ Службен весник на РМ“ бр. 37/96….бр.55/2013)

Партнери на Правдико