Три илјади анкетни листови за имотот на функционерите заглавени во антикорупциската комисија | Правдико

Правдико

   

Три илјади анкетни листови за имотот на функционерите заглавени во антикорупциската комисија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Повеќе од 60 претставки за корупција и триесетина предмети за судир на интереси стојат во фиоките на Државната комисија за спречување на корупцијата бидејќи ова тело остана со само двајца членови во март минатата година.

Не се постапува по барањата за пристап до информации од јавен карактер, не се следи промената на имотот на функционерите, не се отвораат нови предмети, иако јавноста беше сведок на големи афери во јавноста, особено за конфликтот на интереси кај функционерите.

Од антикорупциската комисија за „Макфакс“ сведочат дека кога комисијата остана без 5 члена и фактички постоеше само на хартија, пристигнале нови 3.000 анкетни листови и изјави за интереси. Анкетните листови се внесуваат во базата на податоци, но никој не проверува дали некој од актуелните функционери има несразмерно зголемување на имотот во однос на платата што ја заработува. Никој не постапува ниту по изјавите за интереси, каде што секој функционер треба да пријави доколку има конфликт на интерес со вработен од некоја институција, како, на пример, сопружник, син, ќерка или роднина.

Последнава година, кога борбата против корупцијата беше ставена во заден план, јавноста беше сведок на повеќе корупциски афери за кои немавме институција што може да отвори предмет.

Во МЕПСО, на пример, беше вработен Дамјан Бучковски, син на професорот Владо Бучковски, поранешен премиер и повратник во редовите на владејачката партија СДСМ. Во МЕПСО беше вработена и Фиторе Бејта-Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владејачката ДУИ. Ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, и синот на архитектот Мирослав Грчев, соработник во Министерството за култура, беа вработени во ЕЛЕМ.

Освен тоа, многубројни се и членствата во управни и во надзорни одбори од страна на функционери од власта за кои добиваат дополнителни примања, но и за тоа е надлежна да постапува антикорупциската комисија.

Скандалот со доделувањето на парите од Фондот на иновации, како стипендиите за студирање во странство, поминаа без мислење од антикорупциската комисија, а мислење од ДКСК беше потребно и во случајот до „Фени“ поради обвинувањата за вмешаност на политичари и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ во стечајната постапка на компанијата.

Денеска, во Собранието, со поддршка и на ВМРО-ДПМНЕ, е усвоена потребата од носење на законот за спречување на корупција и судир на интереси по скратена постапка. Министерката за правда, Рената Дескоска, изјави дека носењето на законот е важан со цел на претседателските, а можеби и на парламентарните избори, да има комисија што ќе ги следи финансирањата на кампањите.

Со новиот закон се менува начинот на избор на антикорупционерите, се зголемуваат нивните ингеренции, но и нивните плати, со што се очекува ова тело, кое досега како по правило функционираше само за пресметка со политичките неистомисленици, да почне независно да функционира.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико