Три лица обвинети за производство и продажба на марихуана во Скопје | Правдико

Правдико

   

Три лица обвинети за производство и продажба на марихуана во Скопје

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од обвинетите, како соизвршители, неовластено произведувале и држеле наркотична дрога – марихуана. За таа цел, едниот обвинет ги ставил на располагање дворот и просториите од семејната викенд-куќа во Визбегово. Заедно со другиот обвинет ги прилагодиле просториите за одгледување на растението Cannabis и засадиле стебла од ова растение. Вториот обвинет, при претрес на 24 септември, бил затекнат во дворот од куќата во момент кога ги кастрел цветовите од стеблата и ги мерел по тежина за натамошно пакување. На локацијата биле пронајдени 15 растенија канабис со поединечна висина од 19 до 80 сантиметри, девет свежо искршени гранки со лисја и врвни делови, 20 искршени и делумно соголени гранки со лисја и вршунки канабис, како и дигитална вага.

Во домот на третиот обвинет, пак, на улица „Христо Смирненски“ биле пронајдени и одземени 99,72 грама наркотична дрога – марихуана, 33 семки од растение од растителниот род Cannabis како и 2,8 милилитри хашиш смола во два шприца.

Поради опасност од бегство и можност да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за тројцата обвинети.

Препорачуваме

Партнери на Правдико