Тркaлeзна маса зa „Судска заштита против неправилности при извршувањето“ | Правдико

Правдико

   

Тркaлeзна маса зa „Судска заштита против неправилности при извршувањето“

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

IMG_9025Извршители од скопското апелациско подрачје, претседателите на основните судови, судиите од граѓанскиот оддел на Апелацискиот суд Скопје и стручни судски службеници денеска учествуваа на тркалезна маса на тема „Судска заштита против неправилности при извршувањето“.

Претседателот на Комората на извршителите на Република Македонија Зоран Петрески  рече дека темата е мошне значајна за граѓаните, но и за извршителите и за претседателите на судовите кои постапуваат по приговорите во текот на извршувањето, но и по жалбите до апелациските судови.

Целта на собирот, како што додаде, е да се разгледаат сите детали и да се усогласат преку конкретни примери, да се презентира судската заштита против неправилностите при извршувањето, обемот на поднесените приговори, како и одлуките по приговорите на претседателите на основните судови.

– Извршителите, како и судиите, честопати во своето работење се наоѓаат во ситуации кога и покрај постоењето на законските одредби се во дилема како понатаму би постапиле. Понекогаш со задоволство го чекаме приговорот од претседателот на судот на конкретното подрачје за да „пресече“ и да ни даде одредена насока како понатаму да продолжиме, истакна Петрески.

Во десетгодишната пракса, како што додаде, има безброј вакви примери на донесени решенија по приговори, кои Комората на извршители заедно со поранешниот министер за правда Михајло Маневски ги внесе во книга која ќе им биде од голема помош на извршителите, судиите, студентите…

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски пред присутните информира дека во текот на 2014 година на подрачјето на Апелацискиот суд Скопје биле примени 93.427 барања за извршување, односно 58,54 отсто од вкупниот број примени барања за извршување во Македонија.

– Најголем број барања за извршување примиле извршителите од подрачјето на Основниот суд Скопје 2 Скопје – 69.724, а од нив се реализирани 18.549, односно 27 отсто, рече Маневски.

Во Основниот суд Скопје 2 во текот на изминатата година, како што нагласи Маневски, примени се вкупно 1.266 приговори поднесени против неправилностите во постапката за извршување од доверители, должници или други лица, од кои решени се 1.215.

– Судската заштита против неправилностите при извршувањето е мошне ефикасна. Во текот на годината се решаваат од 97 до 99 отсто од примените приговори, а се решиле сите жалби што до Апелацискиот суд биле доставени во текот на годината, рече Маневски.

На тркалезната маса беше заклучено дека законските инструменти што ги обезбедила државата при доверување јавни овластувања на извршителите се покажуваат како мошне делотворни и ефикасни.

Според Маневски и понатаму треба да се работи на подигнување на квалитетот во примената на правилата за извршување и за надминување на различностите помеѓу поднесените и уважените приговори во основните судови и особено на воедначувањето на судската пракса во рамките на овластувањата на апелациските судови и Врховниот суд на РМ преку заземање ставови за примена на Законот за извршување.Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска рече дека во иднина треба да се продлабочи соработката со извршителите во насока на изнаоѓање странски проекти заради актуелноста на оваа тема и особено од потребата за презентација на компаративни искуства од други држави кои имаат вакви системи на извршување.

Претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани пред учесниците на тркалезната маса говореше за судската пракса при постапување по приговори против неправилности со акцент на одлучување по барање за одлагање и практична примена на членот 211 од Законот за извршување.

Тркалезната маса беше организирана од Комората на извршители на РМ, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Извор: Академија за судии и јавни обвинители/ МИА

Препорачуваме

Партнери на Правдико