Целосен извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборите | Правдико

Правдико

   

Целосен извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Како и во првиот круг од гласањето, претседателските и предвремените парламентарни избори од 27 април 2014 год. беа ефикасно спроведени, вклучувајќи го и денот на изборите.

OSCE

Кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување беа почитувани. Сепак, кампањата на владејачката партија несоодветно ги разграничуваше партиските од државните активности, спротивно на ставот 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа.

Наводите на заплашување на гласачите продолжија во текот на кампањата. Албанската партија во владата продолжи да ги бојкотира претседателските избори и изврши прекумерен притисок врз етничко албанските гласачи да не го земаат гласачкото ливче за претседател. Пред да започне броењето на гласовите, главната опозициска коалиција најави дека нема да го признае резултатот од овие избори. Отсуството на анализа и независно известување во медиумите продолжи во текот на кампањата за вториот круг на претседателските и предвремените парламентарни избори. Мониторингот на медиумите што го спроведе НМИ на ОБСЕ/ОДИХР покажа дека најголем дел од медиумите врз кои се спроведе мониторинг беа во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија и нејзиниот претседателски кандидат, а главно негативни кон главната опозициска партија и нејзиниот кандидат. Медиумите често потфрлаа во разграничувањето помеѓу медиумското известување за службените лица во нивно својство на министри и кандидати.

Сто и дваесет пратеници во собранието се избираат според пропорционалниот модел и тројца пратеници се избираат според мнозински модел во три изборни единици надвор од земјата. Нерамномерната распределба на гласачи надвор од земјата и разликата помеѓу бројот на гласачите во изборните единици во и надвор од земјата нецелосно ја обезбедуваат еднаквоста на гласот, согласно ставот 7.3 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа. Понатаму, условот за обезбедување на најмалку 40% излезност во вториот круг од претседателските избори би можел да доведе до циклуси на неуспешни избори, во случај процентот на излезност да е помал.

Одреден број на одредби од Изборниот законик со кои се регулираат парламентарните избори беа изменети во јануари 2014 год. и истите одговорија на некои од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сепак, недоследностите и двосмисленостите кои влијаеја врз предвремените парламентарни избори продолжија, вклучително и законската дефиниција за водење и времетраење на изборната кампања и одредбите за користењето на јавните ресурси во текот на кампањата. Државната изборна комисија (ДИК) издаде неколку упатства, кои ефективно го изменија законот во обид да се регулира преклопувањето на кампањата за двата избори. Правното овластување на ДИК да го направи тоа е дискутабилно.

ДИК ги запази речиси сите рокови предвидени со законот и одржуваше редовни седници, но продолжи да биде поделена по партиска линија во однос на сите политичко спротивставени прашања. И покрај доцното заклучување на Единствениот избирачки список за предвремените парламентарни избори, печатењето на гласачките ливчиња и на извадоците од избирачкиот список беше навремено завршено. Како и во првиот круг од претседателските избори, во врска со неколку прашања ДИК не комуницираше ефективно со Општинските изборни комисии (ОИК), предизвикувајќи одредена забуна во однос на процедурите. Сепак, ОИК своите обврски ги спроведоа на професионален начин.

bigКритериумите за родова застапеност беа почитувани во органите на изборната администрација. Согласно законските барања, секој трет кандидат на листата на кандидати за пратеници се предвидува да биде претставник на помалку застапениот пол. Сепак, жените беа недоволно застапени на митинзите кои ги набљудуваше НМИ на ОБСЕ/ОДИХР, а родовите прашања не беа покренати во програмите на изборната кампања. За овие избори имаше два одделни Избирачки списоци: 1.779.572 гласачи беа регистрирани за претседателските избори и 1.780.128 за предвремените парламентарни избори.

Прашањето на загриженост во однос на точноста на избирачкиот список, а посебно во однос на големиот број на гласачи кои живеат на иста адреса беше покренато од страна на одреден број на соговорници на МНМИ. Законските одредби кои на политичките партии им овозможуваат да ги оспорат податоците кои се однесуваат на гласачите во избирачкиот список се нејасни и нејасно утврдуваат која агенција е одговорна за спроведување на истрагата. Ова го поткопа соодветното спроведување.

Кампањата беше активна, со голем број на митинзи и средби со гласачите. Сепак, значителната предност со ресурси, а на тој начин и со политичко рекламирање, значеше дека владејачката Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ) и нејзиниот претседателски кандидат доминираа во двете изборни кампањи. Дополнително, кампањата на владејачката партија често несоодветно ги раздвојуваше партиските од државните активности. Како и во првиот круг од претседателските избори, имаше постојана размена на силни обвинувања за корупција во рамките на етничките блокови. Бојкотот на претседателските избори на Демократската унија за интеграција (ДУИ)резултираше со значително помала излезност во етничко албанските места отколку во етничко македонските места.

Механизмот за решавање на изборни спорови остана неефективен. Недостатокот на крајни рокови до кои судот треба да се произнесе за одредени видови на случаи поврзани со изборите, во комбинација со ограниченото право на гласачите да имаат пристап до правен лек во секоја етапа од изборниот процес не обезбедува целосна гаранција за правен лек согласно барањата од ставот 5.10 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. Денот на изборите беше спроведен на непречен и професионален начин со само некои технички нерегуларности забележани во текот на денот. Избирачките одбори (ИО) демонстрираа добро познавање на процедурите за гласање.

Сепак, во некои етничко албански места МНМИ забележа дека гласачите беа обесхрабрувани од страна на членовите на ИО да го земат гласачкото ливче за
претседател. Најголем дел од постапките на броење на гласови и сумирање на резултати кои ги набљудуваше МНМИ беа оценети како позитивни, и покрај тоа што некои од разликите беа коригирани во записниците со резултатите.

Повеќе детали за НАОДИТЕ на набљудувачката мисија можете да прочитате во целосниот извештај ТУКА

Извор: ОБСЕ/ОДИХР

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико