Цената за бесплатниот превоз на ученици нема да се одредува по пат на јавна набавка
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Предлог законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, се врши уредување на начинот на остварување на правото на бесплатен превоз на учениците од основните и средните училишта утврдено со Законот за основното образование и со Законот за средното образование, во рамки на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз.
Цел на овој Предлог закон за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај е уредување на начинот на остварување на правото на бесплатен превоз на учениците од основните и средните училишта утврдено со Законот за основното образование и со Законот за средното образование, во рамки на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз.
На подрачјето на поголем дел од општините, општинскиот линиски превоз го вршат приватни превозници врз основа на петгодишна дозвола за вршење на општински линиски превоз издадена согласно член 19 од Законот за превоз во патниот сообраќај и во рамки на општинскиот линиски превоз истите вршат превоз и на ученици од основните и средните училишта.
Со предложеното дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај би се одбегнало спроведување на постапки за јавни набавки кои се со неизвесен исход и при кои вообичаено се добиваат цени кои се повисоки од пазарните цени, што е спротивно на целта на водењето на постапки за доделување на договори за јавни набавки, а притоа вршењето на услугата бесплатен превоз на ученици по цени утврдени со тарифен систем од страна на советите на општините и Советот на Град Скопје во рамки на општинскиот линиски превоз и по цени утврдени од самите превозници во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз кои не се повисоки од цените за останатите патници, реално би ги рефлектирале пазарните цени.
Член 61 од Законот за основно образование пропишува право на бесплатен превоз за учениците ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште, како и за учениците со посебни образовни потреби и лицата за нивна придружба без оглед на оддалеченоста на нивното место на живеење до основното училиште. Исто така, член 41-а од Законот за средно образование пропишува право на бесплатен превоз за учениците, под услови пропишани во овој член.
Иако, член 61, став 3 од Законот за основното образование и член 41-а, став 6 од Законот за средното образование, скоро идентично пропишуваат дека начинот на организирање на бесплатниот превоз на учениците го утврдува министерот, подзаконски акти кои произлегуваат од овие одредби не биле никогаш донесени, што довело и доведува до бројни контроверзи при овозможувањето на правото на бесплатен превоз на учениците.
Идентично и при превоз на ученици помеѓу две и повеќе општини се јавува потреба од обезбедување на правото на бесплатен превоз на ученици во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз.
Сметаме дека има потреба од иницирање на промена на постоечката законска регулатива, односно Законот за превоз во патниот сообраќај во правец на пропишување на одредби согласно кои бесплатниот превоз на ученици би го вршеле имателите на дозволи за општински линиски превоз по цени утврдени согласно тарифен систем усвоен од советите на општините, додека бесплатниот превоз на ученици помеѓу две или повеќе општини би го вршеле превозниците кои имаат дозволи за вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници по цени утврдени од самите превозници, но кои не би биле повисоки од цените за останатите патници, имајќи во предвид дека превозниците во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз самостојно ја утврдуваат цената на превозот, согласно член 27 од ЗППС – стои во образложението на предлогот.
Целиот текст на предлог измените можете да го погледнете ТУКА