Цесијата како договорно отстапување на побарување
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Доверителот може со договор склучен со трет да го пренесе врз него своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот, или кое според својата природа му се спротивставува на пренесувањето врз друг. Имено кај договорот за отстапување на побарувањето или популарно познат како цесија, пренесувањето настанува кога доверителот како отстапител на побарувањето (цедент) го пренесува своето побарување кое го има спрема должникот (цесус) на трето лице како примач на отстапеното побарување (цесионерот).
Тоа што е карактеристично кај цесијата е тоа дека должникот(цесусот) останува ист, додека промена се врши само кај доверителот. За настанатото пренесување на побарување не е потребно согласност од должникот, но отстапувачот е должен да го извести должникот за извршеното отстапување. Оттука за настанување на договорната цесија потребна е само согласност на волјите на доверителот и третото лице, додека должникот има право да биде известен за извршеното отстапување. Исполнувањето извршено на отстапувачот пред известување за отстапување е полноважно и го ослободува должникот од обврската, но само ако не знаел за отстапувањето, инаку обврската останува и тој е должен да му ја исполни на примачот.
Цесијата најчесто се јавува при постоење на долг на доверителот во однос на некое трето лице со кое доверителот се договорил, место реално исполнување на долгот, да му го отстапе своето побарување од определен облигационен однос, со што третото лице доаѓа на местото на доверителот.
Ако се случи доверителот да им отстапил исто побарување на разни лица, побарувањето му припаѓа на примачот за кого отстапувачот прво го известил должникот, односно кој прв му се јавил на должникот.
Односи на примачот и должникот
Примачот ги има спрема должникот истите права што отстапувачот ги имал спрема должникот до отстапувањето односно до настанувањето на цесијата. Должникот може да му ги истакне на примачот покрај приговорите што ги има спрема него и оние приговори што можел да му ги истакне на отстапувачот до моментот кога дознал за отстапувањето.
Однос на отстапувачот и примачот
Отстапувачот е должен на примачот да му предаде обврзница или друга исправа за долгот, ако ги има, како и други докази за отстапеното побарување и за споредните права. Ако отстапувачот пренел врз примачот само еден дел од побарувањето тој е должен да му предаде заверен препис на обврзница или на некоја друга исправа со која се докажува постоењето на остапеното побарување. Тој е должен, по негово барање, да му издаде заверена потврда за отстапувањето.
Кога отстапувањето е извршено со договор со надомест, отстапувачот одговара за постоењето на побарување во моментот кога е извршено отстапувањето. Ова е во смисла на тоа дали побарувањето кое се пренесува е вистинито и наплатливо. Исто така отстапувачот одговара за наплативоста на отстапеното побарување ако тоа било договорено, но само до висина на она што го примила од примачот, како и за наплативоста на каматите, трошоците околу отстапувањето и трошоците на постапката против должникот.
Покрај договорната цесија, таа може да се јави како законска цесија, судска цесија како и цесија врз основа на тестамент. Кај тестаменталната цесија може да се изврши пренос на побарување врз тестаментален наследник или врз трето лице, само под услов пренесувањето да се прифати.
–ПРАВДИКО–