Правдико

   

Ципрас и Кери разговараа за спорот за името

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Спорот за името меѓу Македонија и Грција се најде на агендата на средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на американскиот државен секретар Џон Кери. САД изразиле поддршка за наоѓање решение, додека грчката страна уверила дека постои волја за решавање на спорот во рамки на грчките црвени линии за сложено име.

cipras-i-keri1

Според информациите од кабинетот на Ципрас, Кери изразил подготвеност САД да помогнат и да го поддржат решавањето на дводеценискиот проблем. Ципрас на ова истакнал дека грчката влада има волја да се најде решение за спорот со формула за сложено име со географска одредница и за севкупна употреба, односно ерга омнес. Грчкиот премиер посочил дека и македонската влада мора да покаже соодветна волја и намера да се најде решение.

Средбата Кери-Ципрас, на која учествуваше и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, се случи еден ден по дипломатскиот мини-инцидент со грчката негативна реакција и со неучествувањето на состанокот за борба против насилствата на ИД во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации.

Кери и Ципрас разговарале и за кипарското прашање, грчко-турските односи, но и за грчкиот долг и за преговорите во рамки на еврозоната, во кои САД беа силни поддржувачи на Грција. Се разговарало и за бегалската криза, ситуацијата во Украина и во Сирија.

Една од клучните теми била и енергетската политика. Кери посочил дека спроведувањето на плановите за трансјадранскиот гасовод и гасоводот меѓу Грција и Бугарија е од клучно значење за да се зајакне енергетската улога на Грција во европски и во меѓународни рамки. Неофицијално, во Грција со месеци се говори дека САД и ЕУ се противат на идејата за прифаќање нов руски гасовод од грчка страна за да не се дозволи руско монополизирање на енергетскиот пазар во Европа.

Грчкиот премиер денеска е предвидено да говори пред Генералното собрание. Грчката страна оваа посета ја фокусираше на зајакнување на меѓународните врски и на поддршката за излез од кризата, нејзината финансиска стабилност и на лобирање да се притисне за реструктуирање и за намалување на грчкиот долг по договорот постигнат со европските партнери.

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико