Ципрас: Реформи на пензискиот систем и покрај противењето | Правдико

Правдико

   

Ципрас: Реформи на пензискиот систем и покрај противењето

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

АТИНА – Грчкиот премиер Алексис Ципрас, на митингот по повод годината на доаѓањето на чело на Владата изјави дека ќе изврши реформи на пензискиот систем и покрај жестокото противење.

cipras-siriza

“Реформата на пензискиот систем треба да се спроведе, тоа е потребно. Дилемата е реформа на системот или да се дозволи колапс”, Ципрас рече вчера во говорот пред околу 4.000 поддржувачи, на стадионот во Атина.

Како што се очекуваше, законот за пензиските реформи ќе се најде пред членовите на парламентот на почетокот од следниот месец. Да се напомене дека оваа реформа се коси со левичарите и со размислувањата во кругот на Сириза.

Ципрас повтори дека нема да ги намали пензиите, истакнувајќи дека тие од претходната влада “се намалени за 40 отсто”, под притисок од ЕУ и ММФ, главните меѓународните кредитори на Грција.

Тој ја критикуваше десничарска опозиција, тврдејќи дека неговата битка со Брисел резултирала со трајни промени во ЕУ.

“Европа веќе не е иста”, рече Ципрас, осврнувајќи се на растечкото расположение против мерките за штедење во Португалија, Шпанија и Италија.

Грчките синдикати минатата недела постигнаа договор во врска со генералниот штрајк против пензиските реформи, кој ќе се одржи во почетокот на февруари.

“Одлучено е 24-часовниот штрајк да се одржи на 4 февруари”, изјави мнозинскиот синдикат во приватниот сектор ГСЕЕ.

“Предлог-законот за социјална заштита ги уништува пензионерите, работниците и идните генерации”, изјавуваат претставници на синдикатот.

Грција е под притисок од меѓународните кредитори за намалување на пензиите, кои се највисоки во ЕУ.

Владата во Атина ги објави плановите за намалување на максимална пензија од сегашните 2.700 на 2.300 евра, како и воведување на нова минимална загарантирана основна пензија од 384 евра.

Според тригодишниот план договорен со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, Грција мора да заштеди 1,8 милјарди евра трошоци за пензии.

Партнери на Правдико