Tурција и Европа прогласија „завршница на играта“ за пушачите | Правдико

Правдико

   

Tурција и Европа прогласија „завршница на играта“ за пушачите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Додека Европскиот парламент неодамна усвои нов пакет директиви во борбата против пушењето, експертите, парламентарците и научниците се собраа минатата недела во Истанбул да ја искажат својата решеност да го заштитат здравјето на европските граѓани.

54ed0e5830ca07dda2870aa1ed8dd888

Турција има успех во намалувањето на бројот на пушачи, но учесниците на шестата Европска конференција за тутунот или здравствен самит (ЕКТоХ) се согласија дека е потребен широк пристап за тој тренд да продолжи.

На настанот во Истанбул учествуваа 450 истакнати експерти за тутунот и здравјето, а главната тема на дискусијата беше наречена „завршница на играта“. Учесниците дискутираа во детали за новите директиви на ЕУ за тутунот и дебатираа околу понатамошните превентивни мерки со цел да се запре пушењето низ целиот континент.

Новите директиви на ЕУ, кои го уредуваат производството, презентацијата и продажбата на тутунот и тутунските производи, предвидуваат високо ниво на здравствена заштита за европските граѓани.

Главниот фокус е ставен на тоа да стане потешко за тутунските претпријатија да им ги рекламираат своите производи на младите луѓе. Новите мерки, исто така, вклучуваат поголеми и повпечатливи графички предупредувања за здравјето, кои се докажа дека се ефикасни во одвраќањето на непушачите да ја купат својата прва кутија цигари.

Законот, исто така, ги забранува трик производите, како што се тенките „кармин“ кутии и вкусовите, кои се привлечни за младите луѓе.

Линда Мекејван, известувач на Европскиот парламент за директивата во врска со тутунските производи, вели дека ќе бидат ставени предупредувачки знаци на горниот дел од кутиите цигари.

„Тутунската индустрија инсистираше на тоа да има предупредувачка слика на дното од кутијата, бидејќи ќе беше лесно истата да се крие на полиците“, рече таа.

Тезер Кутлук, претседател на извршниот комитет на ЕКТоХ и претседател на невладината организација Национална коалиција за тутун и здравје, вели дека секоја година 7,6 милиони луѓе умираат од рак во светот. На околу 14 милиони луѓе им се дијагностицира рак, а 1,8 милиони од тие луѓе имаат рак на белите дробови. Само во Европа секоја година од рак умираат 400.000 луѓе.

Според податоците објавени во 2012 година, бројот на случаи на рак во Турција бил 1,2 милиони, при што повеќе од 100.000 починале. Скоро 50.000 луѓе имале рак на белите дробови, а повеќе од 18.000 починале од болеста.

Експертите на конференцијата рекоа дека ако наскоро не се намали бројот на пушачи, вкупно една милијарда луѓе ќе починат од рак во 21-виот век.

„Борбата против ракот не е нешто што може да се постигне во болниците“, рече Кутлук заSETimes, додавајќи дека истата треба да почне на улиците.

„Не постои поединец, влада или група што може да постигне успех во борбата против пушењето самостојно. Мораме да соработуваме и да ги здружиме силите“, рече Кутлук. „Затоа ѝ придаваме важност на соработката меѓу државите.“

Ефза Евренгил, генерален директор на Националниот комитет за тутун и здравје, рече дека европските земји имаат истакнати експерти и трошат значителни суми во борбата против пушењето.

„Сепак, Европа е континтент полн со контрадикторности и тешко може да ги надмине некои прашања како што е намалувањето на бројот на пушачи“, рече таа за SETimes.

Инсистирајќи на тоа дека ЕУ може да соработува со Турција во тој контекст, Евренгил рече и дека Анкара усвои понапредни регулативи од оние во Европа – чекори што се поддржани од Светската здравствена организација.

Првиот закон против пушењето во Турција стапи на сила во 1996 година. Новата легислатива беше донесена во 2008 година со голема забрана за пушењето, а легислативата беше проширена до уште повисок стандард во 2009 година.

Амандманите што беа донесени минатата година на Законот за превенција и контрола на опасностите од тутунските производи вклучуваа нови прописи за видот на производство, брендирањето и следењето на заштитата од опасностите на тутунските производи.

Пушењето е забрането во сите затворени работни места и јавни згради во Турција, а земјата има скоро сеопфатна забрана за рекламирање, промовирање и спонзорирање тутунски производи. Тутунските производи за пушење мора да имаат и сложено предупредување, кое вклучува колоритни сликовити предупредувања и текстови, кои заземаат не помалку од 65 отсто од површината на кутијата.

Според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), бројот на пушачи во Турција е намален од 28 милиони на 18 милиони меѓу 2000 и 2010 година.

Турските експерти кои говореа на настанот минатата недела рекоа дека нивна задача е да ја променат добро познатата изрека „Пуши како Турчин“ во слоган: „Откажи се од пушењето како Турчин“.

Во 2013 година Турција беше меѓу првите пет држави на Европската скала за контрола на тутунот. Лук Јосенс, експерт за контрола на тутунот во Здружението на европски лиги против ракот, изјави за новинарите дека скалата ги рангира земјите според критериумите кои ги вклучуваат цените на тутунот, употребата на тутунските производи во затворено, рекламирањето на тутунските производи и буџетските трошоци за забрана на пушењето.

„Сé додека цените се високи во одредена земја, таа земја се смета за успешна во контролирањето на употребата на тутунските производи“, рече тој.

Цените на цигарите во Турција беа многу зголемени во јануари и се движат од 3,60 до 4,60 американски долари за кутија. Слични кутии цигари чинат меѓу 7 и 10 американски долари во Европа.

Според истражувањето спроведено меѓу 34 европски земји, Англија, Ирска и Исланд беа меѓу трите најуспешни земји во контролирањето на употребата на тутунот. Австрија, Германија и Швајцарија имаат најнизок рејтинг од европските земји во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот.

За време на конференцијата учесниците ги искажаа своите очекувања дека со усвојувањето на прописите и директивите на ЕУ земјата ќе постигне напредок кон понатамошно намалување на употребата на тутунот.

„Турција е една голема земја и има голем капацитет да претставува добар пример за светот. Неверојатно е да се биде сведок на успешната приказна на Турција за контрола на употребата на тутунот“, рече заSETimes Синтија Колард, извршен директор на невладината организација Лекарите за Канада без пушење.

Таа рече дека има голема промена во Турција од 1990-тите, кога употребата на тутунот беше далеку повообичаена.

„Луѓето пушеа насекаде“, рече Колард. „Насекаде беше полно со реклами за тутунски производи. Сега има сосема поинаква атмосфера. Општеството многу се промени.“

Извор: SETimes

Партнери на Правдико