Турција и нејзината „одбранбена“ борба | Правдико

Правдико

   

Турција и нејзината „одбранбена“ борба

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Германскиот активист за човекови права Петер Штојтнер е уапсен во Турција. Огорченоста поради таквиот потег на Анкара е голема, но бескорисна. Тоа во Турција нема ништо да промени, оценува Даниел Хајнрих.

Кус преглед на фактите: германскиот активист за човекови права Петер Штојтнер пред околу две недели во близина на Истанбул држеше предавање за ИТ-менаџмент и безбедност на податоци. Тоа го направи во рамките на воркшоп, организиран од страна на Амнести Интернешнал. Сега Штојтнер е затворен во Турција, а таков е случајот и со други водечки членови на организацијата за човекови права.

Само што беше објавена веста за апсењето, информациите на агенциските тикери се множеа со огромна брзина. Во нив имаше многу за невиноста на Штојтнер, за тоа дека обвинувањата против него се без основа и за тоа дека „потиснувањето“ на ангажманот за човекови права во Турција во меѓувреме има добиено невидени размери.

Информациите звучат срцепарателно, социјалните мрежи се преплавени од изрази на солидарност. Тажното е што сето тоа воопшто не ги интересира турските власти. Петер Штојтнер и останатите уапсени активисти за човекови права станаа дел од огромната митска креација: турската влада со претседателот Ердоган на врвот, најдоцна од задушениот пуч минатата година, се наоѓа во постојана одбранбена борба против внатрешните и надворешните „непријатели“. Во ваквата општествена мешаница, оформена од параноја, недоверба и страв, меѓу надворешните „непријатели“ се вбројуваат и организации како Амнести Интернешнал.

Од аспект на турските власти притоа е сосема сеедно што ваквите организации уживаат беспрекорен углед на Запад. Нивниот позитивен имиџ дури понекогаш само ја засилува недовербата на властите.

Сценариото на тврдења дека има закани од надворешни „непријатели“ наидува на плодна почва кај голем дел од турската јавност, потсетува многу на основачкиот мит на денешна Турција. Тогаш, во хаосот по Првата светска војна, Кемал Ататурк во „војна за независност“ ги истерал империјалните сили од земјата и ја создал турската Република. До денес одбрабената борба против „непријателите“ однадвор е дел од турското разбирање на историјата.

Турската влада денес се потпира врз овој општествен феномен. Стравот од инфилтрирање на странски сили изгледа е толку еминентен, што владата, поврзувајќи го и константното потенцирање на сценариото на закани одвнатре, успева да ги оправда одбранбените механизми.

Жртвите на ваквото лудило, како доцентот на курс по ИТ-менаџмент во организација за човекови права, притоа може да изгледаат колку сакаат невино. Тоа не игра никаква улога. Речиси половината од Турците и натаму ќе стојат зад својот избран претседател, зад својата избрана влада.

Нема изгледи дека нешто ќе се промени во ваквата поддршка. Економските предности кои владата на АКП ги создаде за многу сиромашни луѓе се преголеми.

Однесувањето на германската влада и на Европската Комисија исто така не остава многу простор за надеж дека нешто може да се промени со делување однадвор. За разлика од јавните вербални битки во минатото, сега се чини и Брисел и Берлин се заинтересирани за продлабочување на односите со Турција. Во фокусот, покрај договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција, се и економските интереси.

На крајот на минатата година ЕК изненади со предлогот за продлабочување на царинската унија со Турција. Во јуни германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел исто така ги нагласи германските интереси за проширување на царинската унија на ЕУ со Турција.

Непреземање ништо однадвор, митска одбранбена борба внатре: Петер Штојтнер и неговите колеги  по сѐ изгледа нема да бидат последните жртви на незапирливиот бран апсења во Турција.

Извор: Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико