Турција им помага на балканските земји да ги развијат правосудните институции | Правдико

Правдико

   

Турција им помага на балканските земји да ги развијат правосудните институции

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

KLAUDIJAphotoТурција помага во правните реформи во Босна и Херцеговина (Бих), во Македонија и во Косово, преку обезбедување на инфраструктура, на технологија и на знаење за поефективно функционирање.

Официјални претставници на турската Агенција за соработка и за координација (ТИКА) изјавија дека имаат спроведено бројни проекти наменети за развивање на правосудните институции, главно судовите и обвинителствата.

„Улогата на ТИКА е да ги сподели турските искуства со други земји, преку партнерства за соработка“, рече Теоман Тирјаки, програмски координатор на ТИКА во Македонија, за SETimes. „Се надеваме дека спроведените проекти ќе придонесат за поефективно функционирање на правниот систем.“

ТИКА е активна во Косово од 2009 година, кога помогна да се изгради и да се опреми уставниот суд на земјата.

„Почнавме од нула. Немаше никаква инфраструктура. Тие [Турција] ни помогнаа да ја изградиме зградата на судот“, рече Енвер Хасани, претседател на уставниот суд во Косово.

По изградбата и по опремувањето на судот, ТИКА организираше и обука за вработените за косовскиот судски систем во Турција.

„Тие и понатаму нè поддржуваат во нашето истражување“, додаде Хасани.

Минатиот месец ТИКА му донираше компјутери и опрема за судска комуникација на македонскиот Уставен суд и помогна при создавање на судската база на податоци.

„Благодарение на ТИКА, Уставниот суд ќе работи користејќи ја новата технологија, вклучувајќи ги компјутерите и другата најнова судска опрема“, рече Елена Гошева, претседател на македонскиот Уставен суд, за SETimes.

Опремата, која беше распоредена во 30 канцеларии, значително ќе го подобри капацитетот на судот за складирање на комуникацијата и на информациите и ќе осигура дека судската агенда ќе биде спроведувана според распоредот, рече портпаролот на македонскиот Уставен суд, Југослав Миленковиќ.

„Брзината на пребарување и на добивање информации, како и зголемените брзина и безбедност на внатрешната и на надворешната комуникација … ни помагаат да им се приближиме на стандардите на ЕУ“, рече Миленковиќ за SETimes.

ТИКА, исто така, обезбеди опрема за апелацискиот суд во Скопје и за општинските судови во Тетово и во Гостивар.

Во Босна и Херцеговина (БиХ) ТИКА е присутна од 1995 година, при што има спроведено неколку инфраструктурни проекти, вклучувајќи и изградба на библиотека за лица со оштетен вид.

„Врз основа на предлози од локалните заедници и на нивните приоритети, ние ги насочуваме нашите проекти со тоа што нудиме техничка помош за нивно спроведување“, рече Зулкуф Оруч, директор на ТИКА за БиХ.

ТИКА обезбедува финансиска помош и техничка опрема за општинскиот суд во Сараево. Проектот вклучува реконструкција на зградата на судот, изградба на модерна судница, на административен простор и на специјални простории за заштитени сведоци.

Турскиот министер за правда, Садула Ергин, ја посети БиХ во ноември, при што изјави дека двете земји се согласиле дека нивните високи судски и обвинителски совети ќе ја подобрат соработката.

Една од целите е да се овозможи БиХ ефективно да ги процесира случаите на воени злосторства и на организиран криминал, за што е потребно зајакнување на институциите на сите нивоа и подобрување на условите за работа.

Официјалните претставници велат дека постои потреба за засебна, соодветно опремена зграда за обвинителството, како и дека тие се нестрпливи да ги споделат турските најдобри практики во судската пракса и во управувањето на судовите.

„Турција има силен и доброорганизиран судски систем и нејзините искуства се многу корисни за нас, бидејќи лесно може да се пренесат во нашата земја“, рече Милорад Новковиќ, претседател на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ.

Извор: Setimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико