Уапсени струмички бизнисмен и вработена на бензиска пумпа | Правдико

Правдико

   

Уапсени струмички бизнисмен и вработена на бензиска пумпа

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

child_arrest_2416186bФинансиската полиција во изминатото деноноќие спроведе акција во реонот на Струмица при што од слобода се лишени струмичкиот бизнисмен Д.Т, сопственик и управител на правниот субјект Емви-Комерц од Струмица и лицето Е.Т вработена на една од бензиските станици на територијата на град Струмица.
Според податоците од предистражната постапка, двете осомничени лица подолг временски период, поточно од 2010 па се до 2014 година вршеле добро организиран финансиски криминал со намера да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Република Македонија.

Струмичкиот бизнисмен е осомничен дека започнувајќи од 2010 па се до 2014 година со намера да се стекне со имотна корист од големи размери се договорил со второосомничената инаку вработена на бензиска пумпа во Струица, да изготвуваат документација со која Емви-Комерц од Струмица нема да плаќа данок во Буџетот на Република Македонија.

При извршениот увид во сметководството на Емви-Комерц во Струмица, Финансиската полиција утврди дека Д.Т за 5 години потрошил фантастични 1.524.000 евра во кеш за набавка на нафта иако паралелно вршел и набавка на нафта во помали количини на фактура од други бензиски пумпи.

Поради нелогичноста на потрошените колични на нафта за неколкуте машини со кои распололага фирмата, Финансиската полиција изврши контрола во сметководството на фирмата при што пронајде 1254 фискални сметки со прилог сметкопотврди за наводно извршена набавка на нафта за потребите на машините кои се во сопственост на Емви-Комерц од Струмица.

Поради сомнителноста на случајот, Финансиската полиција направи детална контрола и на бензиската пумпа на која наводно е купувана нафтата за потребите на фирмата на бизнисменот Д.Т при што е утврдено дека бензиската пумпа вкупно нема набавено толку нафта колку што Д.Т успеал наводно да купи од неа во готово.

По извршената детална контрола на пронајдените фискални сметки и сметкопотврди утврдено е дека сите 1254 фискални сметки и сметкопотврди се фалсификувани и воопшто не одговараат на извршениот промет на бензиската пумпа.

Финансиската полиција откри дека една од вработените на бензиската пумпа во договор со сопственикот на Емви-Комерц од Струмица, за определен паричен надоместок кој се движел од 200 до 250 евра на месечно ниво, во својот дом на својот приватен компјутер кој исто така е одземен од Финансиската полиција, изготвувала фалсификат фискални сметки.

За да операцијата биде докрај успешна и уверлива, по налог на бизнисменот, вработената за секоја фалсификувана фискална сметка изработила и соодветна сметкопотврда која ја заверила со свој потпис и со печат од бензиската пумпа кој и бил доверен при извршувањето на службената должност.
Бизнисменот Д.Т и неговата соработничка Е.Т со своите криминални активности успеале да ја оштетат Република Македонија за неверојатни 536.000 евра, заради што против нив до Основното јавно обвинителство во Струмица се поднесени кривични пријави за постоење на основано сомневање за сторени кривични дела „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ и „Фалсификување на исправа“.

Двете уапсени лица се изведени пред Судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица кој треба да одлучи дали пријавените ќе добијат мерка притвор или ќе се бранат од слобода.

Препорачуваме

Партнери на Правдико