УБК му одговорило на СЈО за отсуството на Грујевски | Правдико

Правдико

   

УБК му одговорило на СЈО за отсуството на Грујевски

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

До Специјалното јавно обвинителство пред три дена стигнале податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање за обвинетиот екс-началник на Петтата управа, Горан Грујевски, дознава Макфакс. Станува збор за документи од УБК, од кои треба да се види дали Грујевски доаѓал на работа за време додека му е издадено лекарското уверение. Тоа на минатото рочиште го побараа обвинителите на СЈО.

Според информации на Макфакс, документите добиени од УБК сè уште се разгледуваат, но не се знае дали се обезбедени и видеоснимки од камерите во кругот на МВР. Претходно, Специјалното обвинителство побара  директорот на УБК, Владимир Атанасовски, по вторпат да биде парично казнет за несоработка со обвинителите.

Макфакс дознава дека до обвинителството на Јанева стигнало и мислење за здравствената состојба на Грујевски од лекарите кое дополнително го побараа обвинителите Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски. Последното боледување поради проблеми со дишењето на Грујевски му е издадено на 24 април.

„Имаме информации дека во периодот за кој Комисијата му доделила боледување на Грујовски, тој е виден во кругот на МВР и во просториите на УБК. Од таму ќе ги побараме снимките од видеокамерите и евиденцијата и податокот од системот со картички за неговото движење во УБК. Бараме судот да утврди дали обвинетиот е оправдано отсутен од рочиштето и сакаме да спречиме понатамошно одолжување на постапката. Ако нашите сознанија се потврдат, ќе бараме стражарно приведување на обвинетиот“, рече обвинителот Трајче Пеливанов на минатото рочиште за случајот „Тврдина 2“.

Неколку дена потоа во медиумите се појавија фотографии на кои Грујевски е забележан на ракоментен натпревар во Скопје и близу рибник во Кичевско.

СЈО го гони Грујевски за палење  списи и докази за незаконско прислушување граѓани. Следното рочиште за случајот „Тврдина 2“ е закажано за 23 мај.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико