Учениците од прво и четврто одделение годинава ќе учат по нова програма | Правдико

Правдико

   

Учениците од прво и четврто одделение годинава ќе учат по нова програма

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Новата програма за првоодделенците и четвртоодделенците која беше усвоена во март годинава како концепција за основно образование, ќе стартува ова учебна година. Планот на Министерството за образование и наука е за пет години да биде реформирано целото деветгодишно основно образование.

Според учесниците во изготвувањето на новата концепција, придобивки се намален број предмети, нивно интегрирање и можност за учениците да избираат предмети со што се почитуваат нивните интереси и се овозможува развој на нивните потенцијали.

Новиот концепт беше изготвен во март годинава од работна група од 12 члена, според кои таа обезбедува настава ориентирана кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување, осмислување и поврзување на информациите и решавање проблеми.

Наставниот план содржи задолжителни предмети 8 во прво до 11 во деветто одделение. Задолжителни предмети ќе бидат мајчин јазик т.е. јазикот на кој ученикот ја следи наставата, потоа англиски јазик, природни науки (овој предмет опфаќа теми од биологија, хемија, физика и делови од географија) и математика. Овие предмети се застапени во сите одделенија во основното образование, со различен фонд на часови.

Задолжителен е предметот историја и општество кој опфаќа содржини од историјата, делови од географија, граѓанско образование и од други општествено-хуманистички дисиплини и ќе се изучува во континуитет, одноно прво преку предметот Општество од прво до трето одделение, а од IV одд. преку предметот историја и општество. Ликовно образование, музичко образование, физичко и здравствено образование се, исто така, задолжителни и секој од овие три предмети е застапен во сите одделенија на основното образование со ист фонд на часови.

Од вториот образовен период (од IV до VI одделение) се воведува и задолжителниот предмет Техничко образование и информатика, кој е застапен и во третиот образовен период (од VII до IX одделение), но во пониските одделенија акцентот се става на техничкото, а во повисоките одделенија на информатичкото образование.

За учениците кои не ја следат наставата на македонски јазик, во задолжителните ќе биде и предметот Македонски јазик кој ќе се изучува во вториот и третиот период на основното образование (од IV до IX одделение).

Извор: Радио Слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико