Угостителски објект и интернет-кафе во Дебар работеле и покрај воведената кризна состојба | Правдико

Правдико

   

Угостителски објект и интернет-кафе во Дебар работеле и покрај воведената кризна состојба

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Полицијата поднесе кривична пријава против двајца жители на Дебар, едниот сопственик на угостителски објект, а едниот на интернет-кафе, затоа што не ја почитувале забраната за затворање на објектите. Прекршувањето било утврдено во текот на изминатото деноноќие, а во Дебар пред неколку дена беше прогласена кризна состојба поради коронавирусот.

„При извршена контрола на градското подрачје полициските службеници од ОВР Дебар констатирале дека Л. О. (42), сопственик на угостителски објект, и Б. Л. (26), сопственик на интернет-кафе, и двајцата од Дебар, не ги почитувале мерките и препораките на Владата за забрана за работа на угосителски и други објекти во кои се собираат поголема група граѓани поради што ОВР Дебар поднесе кривични пријави против нив“, соопшти МВР.

Покрај ова, од Министерството велат дека безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, е стабилна, а изминатото деноноќие поминало мирно и без регистрирани собирања граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и не биле регистрирани сообраќајни незгоди.

И понатаму во сила се активностите на полициските службеници, кои се во согласност со оперативниот план за работа за контрола на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес-салони, обложувачници), со цел доследно спроведување на мерките за спречување внесување, ширење и за сузбивање на коронавирусот.

Од МВР велат и дека непречено се одвиваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, како и активностите за дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

Сите правни лица што вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини.

Влезот им е дозволен само на лица жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго им е забранет, излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

МВР упатува апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласностс со член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико