Правдико

   

УЈП: Упатства и правила за враќање на ДДВ

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Кој е законскиот основ за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица

Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 33 од 28.06.2019 година и се применува од 1 Јули 2019 година.

За кои фискални сметки не се однесуваат одредбите од Законот

  • Фискални сметки за кои е издадена сметко-потврда, фактура или друг документ издаден кон правно лице, трговец поединец, физичко лице кое врши самостојна дејност и физичко лице регистрирано за цели на данок на додадена вредност.
  • Фискални сметки кои се издадени заедно со сметките кои се издаваат од лицата кои извршуваат континуиран промет и за кои се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго).

Кој нема обврска да издава фискална сметка

Немаат обврската да воведат и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања:

  • лицата кои извршуваат континуиран промет, за кои издаваат сметки и за кои се предвидени последователни плаќања(испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго);
  • продажба на добра или услуги преку автомати за продажба кои работат со монети и книжни пари;
  • даночни обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход;
  • лицата кои не се трговци за прометот на непреработено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите;
  • физички лица кои издаваат под закуп станбен или деловен простор;
  • лицата кои вршат дејност во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места со исклучок на туристички места;
  • лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија-колпортерска продажба; и
  • лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот инстант лотарија како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола.

Остварување на право на враќање на дел од данокот

Правото на враќање на данокот се однесува на данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки за купени добра или користени услуги, издадени согласно со Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Правото на враќање на данокот може да се оствари само еднаш за една иста фискална сметка, односно правото на враќање на данокот не се остварува за фискалната сметка која е веќе пријавена.

Висина на износот на данокот за враќање

Враќањето на данокот може да се оствари во висина од 15% од данокот на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка.

Период на остварување на правото на враќање

Правото на враќање на данокот се остварува за секое календарско тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

Највисока основица за пресметување на данокот за враќање

Највисока основица за пресметување на данокот за враќање, за едно календарско тримесечје, е искажаниот данок на додадена вредност во фискалните сметки во висина од 12.000 денари.

Исклучоци за остварување на правото на враќање на данокот
Правото на враќање на данокот не се остварува за:

  1. Фискална сметка чиј вкупен промет надминува 30.000 денари и
  2. Фискална сметка која е сторнирана

Услови за остварување на правото на враќање на данокот

Право на враќање на данокот имаат физичките лица кои ги исполнуваат следните услови:

  • Имаат навршени 15 години возраст;
  • Поседуваат валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на
    Република Северна Македонија (лична карта и ли патна исправа);
  • Се регистрирани корисници на системот за е-Персонален данок на Управата за јавни приходи; и
  • Поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет во Република Северна Македонија.

Начин на остварување на правото на враќање на данокот
Правото на враќање на данокот се остварува со пријавување на податоците од бар кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер МОЈ ДДВ

Рок на пријавувањето на податоци од фискалните сметки

Пријавувањето на податоци од фискалните сметки се врши најдоцна во рок од 10 дена од датумот на издавање на фискалната сметка, по кој рок фискалната сметка не може да се користи за остварување на правото на враќање на данокот.

Постапка на остварување на правото на враќање на данокот

Враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка, по службена должност од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

За третото календарско тримесечје од 2019 година, враќањето на данокот и исплатата на средствата на трансакциска сметка на физичките лица ќе се изврши најдоцна до крајот на 2019 година.

Најнизок износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје

Најнискиот износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје изнесува 50 денари.
Доколку износот на данокот за враќање е понизок од 50 денари, истиот се пренесува за исплата за наредното календарско тримесечје.

Партнери на Правдико