Укинувањето на Специјалниот суд ќе има сериозни последици
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Познатиот американски експерт за Балканот, Даниел Сервер, за приштинскиот весник „Зери“ изјави дека укинувањето на Законот за Специјалниот суд ќе биде проследено со сериозни последици за Косово, бидејќи според него, односите со САД и со ЕУ ќе бидат многу попроблематични.
– Укинувањето на Законот за Специјалниот суд би го направил односот на Косово со САД и со Европската Унија многу попроблематичен, а тоа ќе има сериозни последици за земјата – посочи Сервер, нагласувајќи дека „косовските лидери се однесуваат како да се под закана од судот“.
По два неуспешни обида ова прашање да се процесира во косовското собрание на крајот од минатата година, Сервер се надева дека таков повторен обид нема да се реализира во текот на месецов, како што се очекува да се случи по враќањето на пратениците од новогодишно-божиќниот одмор.
Американскиот аналитичар во интервјуто се задржува и на прашањето околу сѐ уште нератификуваниот договор за демаркацијата на границата со Црна Гора, при што оценува дека „ова е еден непромислен политички чекор“, бидејќи Косово има потреба од визна либерализација со ЕУ.
Што се однесува до формирањето на Заедницата на српски општини, тој смета дека договорот за тоа треба да се испочитува во согласност со одлуката на Уставниот суд на Косово.
Илјадници косовски граѓани јасно го изразија својот став кон две од најжешките теми во последно време: демаркацијата на границата со Црна Гора, во чие заложништво е визната либерализација, и можното укинување на Специјалниот суд, што ќе се занимава со наводни воени злосторства во земјата.
Повеќе од 8.000 потписи на косовски граѓани се собрани во онлајн-петицијата со која се бара косовското собрание да го ратификува договорот со Црна Гора, а иницијативата за укинување на Специјалниот суд да не се поддржува.
Според директорот на весникот „Експрес“, Берат Бужала, кој е иницијатор, петицијата за демаркацијата и против укинувањето на Специјалниот суд, предизвикала голем ентузијазам.
Освен обични граѓани неа ја потпишале и актуелни и поранешни функционери, меѓу кои и актуелните пратеници Илир Деда и Милаим Зека, како и поранешниот министер за внатрешни работи Скендер Хисени.
– Земјата се соочува со опасност од меѓународна изолација. Ова е барање до Собранието на Косово да го ратификува договорот за демаркацијата со Црна Гора и да ја стопира идејата за укинување на Специјалниот суд – изјави Бужала за оправданоста за петицијата.
Тов вели дека петицијата ќе биде испратена до Собранието на Косово за да му се покаже дека „граѓанската храброст е позначајна од племенската и роднинска храброст“.
Петицијата доби посебно место во речиси сите медиуми во Косово, кои информираат за огромната поддршка, како и во медиумите во Албанија.
Извор: Нова Македонија