Украдената иднина на Буркина Фасо | Правдико

Правдико

   

Украдената иднина на Буркина Фасо

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Државата чие што име во буквален превод значи земја на горди луѓе, до пред скоро време беше се освен држава на горди луѓе. Револуцијата и еволуцијата која што се случила во оваа држава е од неверојатно значење, а сепак нејзините достигнувања се релативно непознати за останатиот дел од светот.

1

 

Диктатурата која 30 години го контролираше секој аспект од животот на граѓаните, се сруши преку ноќ, а со тоа се отвори вратата за едни нови процеси во Буркина Фасо. Со падот на диктатурата во оваа држава, си замина и еден од последните диктатори од студената војна. Историјата на оваа држава и не е така важна, тоа што е значајно во овој случај, е како Буркина Фасо од една сосема обична држава во западна Африка, без излез на море и со огромна финансиска зависност од западот, во 80-тите години на минатиот век станала центар на вниманието на истокот и западот во нивната борба за се поголема контрола.

3Како и во многу други држави од тој период, така и во Горна Волта (како што тогаш се викала оваа држава) со државен удар на власт дошла војската, на чело со неколку млади офицери. Меѓутоа, револуцијата во оваа држава, била пред се, револуција на умот, нешто што е тешко за верување на овој континент, кој е познат по нечовечки диктатури и граѓански војни. Еден од тие млади офицери бил Томас Санкара, човекот кој имал длабоко вијание врз животот на Буркина Фасо, и на која што и го дал и името, бидејќи самиот назив Горна Волта сеуште претставувал дел од колонијалното минато  на оваа држава. Во тој период, како голем дел од државите на африканскиот континент, така и Буркина Фасо била под некој вид на ново, но сега “должничко ропство” кон своите довчерашни господари.

Како денес, така и тогаш државите од Африка биле финансиски задолжени, а со самото тоа и скоро неспособни за ефикасно функционирање. Во случајов се разбира дека не треба да ги заборавиме и повремените граѓански војни финансирани од големите сили за превласт во одредени држави или региони на овој континент. Но, тоа што е интересно за анализа во овој поглед е фактот што тогашниот претседател на оваа држава, Санкара не се однесувал како и останатите диктатори од овој континент, токму напротив. Реформите кои започнале под неговото 4 годишно владеење по се изгледа имаат ефект и до ден денес. Како западно образован офицер, тој најпрво ги намалил платите на сите државни службеници, па така од најниските административци, па се до министрите во владата, сите добивале еднаква плата.

2Понатаму, мерцедесите кои се како неминовен привезок на африканските диктатори тој ги продал, додека тој бил на власт, секој административец возел скоро ист вид на кола. За краток временски период оваа држава успеала дури да стане и независна во поглед на странската помош. Меѓутоа реформите не завршиле тука, Буркина Фасо за брзо време станала и една од првите држави на овој континент каде што жените за прв пат биле вистински изедначени во своите права со мажите. Иницијативите за се поголема слобода на локалната самоуправа, за елиминирање на јавниот долг на државата, за кревање на стандардот на граѓаните, се разбира дека биле во тоа време позитивно дочекани од страна на граѓаните.

Но, како и во поголем дел од државите за време на тој период, приказната кратко траела. Власта на Санкара започнала да создава пречки спрема поранешните колонијални господари. Бидејќи наеднаш во тој регион се наоѓа некој кој не само што им противречи, туку и некој кој по своите убедувања бил марксист. Токму затоа, Блез Компаоре вториот човек на Санкара и негов потпретседател, со подршка од западот преку ноќ успева да ја елиминира целата влада, вклучувајќи го и својот претседател и довчерашен пријател.

Истиот тој Блез Компаоре владееше со Буркина Фасо до пред неколку недели кога самиот си даде оставка после првите протести во државата од неговото доаѓање на власт пред 30 години. Меѓутоа, иако диктаторот повеќе не е на власт, Буркина Фасо не е државата која што била пред 30 години, нејзиното општество повеќе не е слободоумно како што започнало да се развива за време на владеењето на Санкара. Сите придобивки за кои што претходната власт во оваа држава работела и се борела, Компаоре со помош на западот успеа да ги уништи и уназади за најмалку еден век. Со тоа, една држава која што можела да биде пример за остнатите во регионот, сега се наоѓа на дното од африканските држави, со низок стандард на живот и со длабоко поделено општество.

4Токму во тоа е наследството на студената војна. Благодарение на политиката која ја воделе светските сили за време на студената војна, во која најчесто и не било важно каков е диктаторот, се додека е нивни диктатор, Компаоре успеа да се одржи дури 30 години на власт. Диктаторите кои што беа поставувани за време на студената војна, не само што ги уништија тие држави, туку и народот во тие држави.

Приказната за Буркина Фасо е само дел од многу други низ светот кои по некоја случајност, за време на студената војна се нашле помеѓу истокот и западот. Но, ретки се примерите на африканскиот континент каде што некоја држава се обидела не само да ја подобри економската состојба на граѓаните, туку во исто време и да ги зголеми социјалните права, да воспостави целосна полова еднаквост и да ја намали корупцијата кај државните службеници  Буркина Фасо барем до убиството на Санкара ја претставувала онаа “добра страна” францускиот колонијализам и империјализам, бидејќи се друго што е останато во наследство на овие поранешни колонии се војни и поделби.

Во тој поглед, можеме слободно да се каже дека на овој континент, особено во супсахарска Африка, скоро и да нема никаков напредок во поглед на човековите права, локалната самоуправа или пак еднаквоста на половите. Племенските обичаи се сеуште тука, а проблемите и несогласувањата се почесто се решаваат со куршуми отколку со зборови.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико