Украина: Почеток на нова студена војна?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Настаните кои што се случуваат во Украина не остават никого рамнодушен. Секој од нас кој ги погледнал барем еднаш снимките што излегуваат од таа држава, има веќе барем до одреден степен формирано мислење за двете страни кои што се бореа на улиците во Киев, без разлика дали е тоа како подршка на владата на Јанукович или пак за опозицијата, факт е дека секој од нас има веќе оформено мислење и заземено страна во настаните кои се случуваат во Украина. Меѓутоа, во моментов во Киев, борбата не се води само помеѓу украинскиот народ, таму се води борба и помеѓу истокот и западот. Испреплетените интереси на Русија и западниот свет, предводен од САД, водат безмилосни битки на улиците на главниот украински град, користејќи ги тука и самите украинци како некој вид на оружје за остварување на своите цели и агенди. Украина е богата земја, нејзиното жито, може да прехрани половина од европскиот континент, исто така, таа изобилува со рудни богатства, а да не заборавиме и на рускиот гасовод, кој поминува низ неа, и снабдува голем дел од Европските држави со гас. Според тоа, не е ни чудно што интересите на големите сили, како и во времето на студената војна, така и денес, се судрени во оваа богата, и во моментов, напатена земја.
Постојат неколку работи кои мора да се објаснат и кои се клучни со цел да се разбере конфликтот кој во моментов тлее на улиците на Киев. На прво место, тука е желбата на опозицијата да се оддалечи од руското влијание и да го започне процесот за влез во ЕУ и НАТО. Токму во тоа е и најголемиот судир, не само помеѓу власта и опозицијата, но уште поважно, тоа е судир и на големите сили. Од една страна секогаш присутното и постојаното ширење на НАТО во државите од поранешниот советски блок, кое само по себе придонесува, големо незадоволство и немир во Русија, но од друга страна, тука е, и желбата на Русија да си ја задржи сферата на влијание која што се повеќе се намалува, пред се, со опкружувањето на Русија со новите земји-членки на НАТО. Не смее да се заборави и тоа дека црноморска флота на руската морнарица е сместена во Севастопол, на југот на Украина. Токму затоа никој, а под тоа се мисли на целата меѓународна заедница, нема да интервенира во Украина, хаосот кој во моментов се случува таму, за жал самите украинци ќе мораат да го разрешат, на подобро или полошо. Од друга страна пак, украинскиот народ низ историјата скоро секогаш бил разединет, а причината за тоа може да се најде насекаде низ нивната историја. Северниот дел на Украина, низ историјата бил окупиран, дел од Полска, дел од Австро-Унгарија, од друга страна пак, јужниот дел на државата уште од самите почетоци на создавањето на руската држава, бил под руска власт. Всушност и првата руска држава се нарекувала Киевска Русија. Пределот на јужна Украина, во која што партијата на регионите, политичката партија на Јанукович убедливо победува, е пределот кој што русите во минатото го нарекувале Нова Русија. Доколку се погледнат само овие две карти, на нив јасно може да се види влијанието кое сеуште го имаат историските поделби, врз оваа држава.
На едната од нив е прикажана територијата на “Нова Русија”, како што била нарекувана за време на царска Русија, додека на втората резултатите од последните претседателски избори во оваа држава. Линијата на конфликт е јасно видлива, југот како во минатото, така и денес е во најголем дел, про-руски ориентиран додека пак северот про-европски. Дури и црквата во оваа држава не е единствена, па така на територијата на Украина, постојат, три различни православни цркви, две украински и една руска, големо влијание во настаните кои што се случуваат има и католичкото малцинство, сконцентрирано во главно околу градот Лвов, во северниот дел на државата, каде по традиција населението е анти-руски расположено. Опозицијата исто така е разединета, како што може да се забележи, украинската опозиција и нема некој конкретен лидер, најпознати, сега за сега, барем за западот се боксерот Кличко и Јулија Тимошенко, кои баш и не ја уживаат целосната подршка од останатите опозиционери. Сепак во едно се сите обединети, а тоа е фактот дека не сакаат повеќе да живеат во држава со која управува Виктор Јанукович. Од друга страна пак, Јанукович е легитимно избран претседател, тој дојде на власт на регуларни избори, со 12 милион гласови зад своето име.
Во секој случај, мандатот на Јанукович е готов, тој заврши во оној момент кога дозволи снајпери да пукаат врз сопствениот народ. Останува само да видиме, колкава би била подршката која тој и неговата политичка партија би ја добиле од Русија и кој би бил конечниот резултат на жртвите кои се чини се зголемуваат од ден на ден. Се разбира, постои и веројатноста, државата да се подели на два дела, но никој не би добил ништо со тоа, а и од тоа што може да се забележи, и двете групи, сакаат да ја наметнат својата верзија на идеи и размислувања за “доброто и иднината на државата”. Поделбите кои постоеле во минатото, а за време на централизмот од претходниот систем биле умешно потиснувани, очигледно си го пронајдоа патот да испливаат на површината, па затоа може да се постави и прашањето, дали во Украина се води една од последните битки, како последица од распаѓањето на Советскиот Сојуз и дали е се ова, наговестување на нова, далеку помала верзија, на студената војна помеѓу истокот и западот, од минатиот век. Автор: Јован Ѓорговски –ПРАВДИКО–