Улогата на мобилните оператори при следење на комуникациите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, претставува истражна мерка според Законот за кривична постапка која се спроведува кога постојат основи на сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е сторено кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години, како и за кривични дела за кои постојат основи на сомневање дека се подготвуваат, во тек е извршување или е сторено кривично дело од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се обезбедат или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии.
Следењето на комуникациите е регулирано со Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка, каде јасно е нагласено дека следењето на комуникациите мора да се врши на начин и постапка со која не се загрозуваат човековите слободи и права и секоја злоупотреба преставува кривично дело според Кривичиот законик на РМ.
Во цел овој систем на следење на комуникациите се вклучени и мобилните оператори кои се должни да почитуваат одредени правила кои се предвидени во одредбите на Законот за електронските комуникации кој беше донесен во февруари 2014 година.
Обврска на операторите
Според Законот за електронски комуникации операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи. Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски видови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, со цел да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа. При набавката на опремата и интерфејсот , операторите се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на истите.
Овластениот орган за следење на комуникации ги утврдува мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги во врска со неговите обврски за следење на комуникациите. Во случај кога операторите имаат воведено компресија или криптозаштита на комуникацискиот сообраќај, се должни да ја отстранат истата, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до овластениот орган за следење на комуникации.
Операторите имаат обврска да му овозможат на овластениот орган за следење на комуникации, следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење. Операторите исто така имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи.
Операторите треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со примена на мерката следење на комуникациите. Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат.
Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат. Агенцијата за електронски комуникации може да спроведе постапка на надзор над оператор, по барање на овластен орган за следење на комуникациите.
Кои податоци имаат обврска да ги задржат?
Операторите се должни да ги задржуваат податоците потребни за следење и идентификување на изворот на комуникацијата, за идентификување на дестинацијата на комуникацијата, за идентификување на датумот, часот и на времетраењето на комуникацијата, за идентификување на типот на комуникацијата, за идентификување на комуникациската опрема на корисникот или на онаа за која се смета дека е негова, како и податоци што се потребни за да се идентификува локацијата на мобилната комуникациска опрема.
Операторите се должни да ги задржат овие податоци за електронските комуникации , што се создадени или обработени од нив при обезбедувањето на јавни електронски комуникаиски мрежи и/или услуги со цел да се овозможи достапност на овие податоци заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија.
Операторите се должни податоците и сите други неопходни информации што се однесуваат на овие податоци, по барање да им ги достават на надлежните органи, под услови и постапка утврдени со закон.
Казнени одредби
Глоба во износ од 7% до 10% од вкупниот годишен приход на правното лице (изразена во апсолутен износ) остварен во деловната година што и претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот, доколку во таа година правното лице започнало да работи, ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
– врши неовластено и незаконско слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој облик на пресретнување или надзор над комуникациите
– не ги обезбеди сите неопходни технички услови за да овозможи следење на комуникациите во неговата мрежа
– на сопствен трошок не обезбеди или одржува опрема, соодветен интерфејс или не воспостави електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникациите
– не побара од овластениот орган за следење на комуникации техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот
– не му овозможи на овластениот орган за следење на комуникации, следење на комуникациите во реално време, информацијата за следената комуникација не е на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата или следењето на комуникацијата не е непрекинато за цело време на нејзиното траење
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Во кои случаи судот може да нареди следење на комуникациите?