Улогата на Судскиот совет во гарантирање и заштита на човековите права и владеење на правото | Правдико

Правдико

   

Улогата на Судскиот совет во гарантирање и заштита на човековите права и владеење на правото

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор: Елизабета Васкова
Извор:Правен дијалог бр. 17 – март 2018

Од осамостојување на Република Македонија па се до денес, заложбите за создавање на независен и самостоен судски систем како трета власт, биле секој пат  потенцирани во поголема или помала мера, како усилба покрај со регулативата и реформските процеси,  да се спроведе и да заживее и во пракса. Многубројните законски измени можеа да се протолкуваат како обид и пат кој мора да се изоди во трагањето по систем кој ќе овозможи вистинска самостојност на судството.

 

Домашните и меѓународните извештаи за следење на состојбата во Република Македонија со остварување и заштита на  човековите права, без исклучок, го посочуваат правосудството како главна пречка за целосно остварување на принципот на владеење на правото. Ваквата состојба предизвикува негативни последици како за засегнатите граѓани, така и за демократизацијата и евро-атланската интеграција на државата. Сè уште опстојуваат системските проблеми кои правосудните органи не успеваат да ги надминат, ги надминуваат пребавно, или ги продлабочуваат. Основните проблеми се состојат во нарушување на независноста на судството преку вмешување на политичките партии и извршната во судската власт, атмосфера на притисок, недоволна стручност и обученост на претставниците на правосудните органи, нетранспарентност на нивната работа, неконзистентност на праксата, нееднаков третман на граѓаните наспроти државните органи и непостоење на ефикасна правна заштита. Правната и институционалната рамка во голема мера се генерално усогласени со европските стандарди, но примената и функционирањето во пракса е несоодветна.

Во контекст на таквите усилби и размислувања за изнаоѓање на правилно и целосно решение кое би овозможило самостојност на судскиот систем како услов и гаранција за владеење на правото, се донесоа повеќе законски, па и уставни решенија. Како еден од основните гаранти на самостојноста на судството беше предвиден и Републичкиот судски совет, кој не случајно беше предвиден како уставна категорија. Врз основа на уставните одредби се донесе Закон за Републички судски совет кој со тек на време, а по согледувања на определени експерти и наводно реализирање на дилемите и прашањата кои ги постави дотогашната пракса, овој закон претрпе повеќе законски измени. Покрај овој закон кој го регулираше начинот и условите за избор и разрешување на судиите во кој како членови  се јавуваа судии, беше предвидена и финансиска самостојност на судството преку формирање на Судско буџетскиот совет. Мандатот на судиите стана траен, како уште еден од гарантите за самостојноста и независноста на судството.

Барајќи го и трагајќи по вистинското законско решение, законодавецот во повеќе наврати интервенираше со законски измени во Законот за Републички судски совет. Во текот на 2006 година беше донесен Законот за Судски совет на РМ како дел од реформите на судството, а како елемент  за исполнување на едно од основните цели, јакнењето на самостојноста и независноста на судството со редефинирање на моделот на изборот и разрешување на судиите, за промена на карактерот, составот и надлежностите на органот кој има решавачка улога во изборот на составот на судството. Дури и беа донесени и Амандманите на Уставот на РМ и тоа Амандманите  XXVIII  и  XXIX, кои се однесуваат на основите и насоките за конституирање на Судскиот совет на РМ како самостоен и независен орган на судството во чии состав ќе има мнозинство на судии избрани непосредно од самите судии, а чија основна функција ќе биде изборот , унапредувањето и разрешувањето на судиите. Покрај ова како причина за донесување на законот беше наведена и потребата за усогласување на домашното законодавство со меѓународните стандарди во областа на правосудството.

Денес, Судскиот совет на РМ како највисок орган во судството, согласно уставот и законот е дефиниран како самостоен и независен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции.

Начелно, може да се каже дека постојните уставни и законски рамки преставуваат добра правна основа, кои доколку се почитуваат доследно треба да обезбедат соодветно функционирање на Судскиот совет   со високи европски стандарди.

Праксата за жал покажа дека ниту ова не беше доволно судството навистина да профункционира самостојно и независно, а Судскиот совет да се јави како основа и бедем за заштита на судството и неговото унапредување. Она што беше реалност и евидентна состојба изминатите 10 години е токму спротивната улога на Советот.

Сепак, не може да се изостави дека во однос на незвисноста и транспарентноста во работењето на Судскиот совет постигнато е  одредено ниво на подготвеност во однос на примената на правото на Европската унија и европските стандарди, при што во голема мера е воспоставена правната и институционалната рамка. Но и покрај сите овие заложби последниве години, напредокот не само што изостанува, туку забележани се и извесни назадувања во работата,  првенствено поради постоење на перцепција  за политизиран систем на избор и унапредување на судиите и претседатели на судови со висок степен на недоверба во судството, недостатокот на контролни механизми, одговорност и отчетност на работењето членовите на Судскиот совет, констатирано во бројни извештаи на релевантни меѓународни и домашни експерти и институции.  На овој начин Судскиот совет, во случаите кога не успеваше доволно јасно да ја одбрани својата независност, стана поттикнувач на зависно судство, подложно на надворешни влијанија од различен вид.

Судскиот совет од највисок орган во судството, во пракса се претвори во институција која грижата за судиите и судството ја замени  единствено и исклучиво со грижа за партиско –политички желби и влијанија, сведувајќи го Судскиот совет на место за пазарење со судиските места. Со последните измени на Деловникот за работа на Судскиот совет се дерогира законот во делот на јавноста во работењето, нетранспарентноста на постапката за вонредните оценувања на судиите и претседателите остави впечаток дека се спроведува единствено  со цел за  фаворизирање на определени кандидати, овозможувањето на претседателите на судовите дирекно да го злоупотребуваат и одбегне АКМИС системот и слични состојби,  доведе до  перцепцијата за постоење на судството  кое е зависно од извршната власт и функционерите на политичките партии.

Сево ова ја наметна потебата од итно и коренито редефинирање на судството, но пред се на улогата, составот, делокругот, надлежностите  на Судскиот совет како највисок орган во судството,  а со кој започнува и завршува судиската функција како извор на владеење на правото и заштита на човековите права.

Досегашните искуства а особено негативните, јавното мислење, експертските критики и извештаи, пред се Извештајот на Комисијата на  високата експертска група за владеење на правото на Прибе од 2015 и 2017 година, забелешките и мислењата на Венецијанската Комисија и  официјалните извештаи на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за поглавјето 23: Судство и фундаментални права, ги дефинираа и детерминираа видот и длабочината на промените и законските измени кои треба да се превземат во оваа област, предвидени  како приоритети во новата  Стратегија за реформи на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година со Акциски план.

Во поткрепа на потребата од зајакнување на критериумите за избор на членови на Судскиот совет  посочувам извадок од Извештајот на Европсклата Комисија за напредокот на Република Македонија за 2015 година од поглавје 23: Судство и фундаментални права „Изборот на Судскиот совет на својот нов претседател и заменик претседател во март предизвика голема критика, со оглед на тоа што и двајцата се членови кои не се стручни во оваа област, а се именувани од страна на парламентот. Законската одредба според која членовите треба да доаѓаат од редовите на универзитетските професори по право, адвокати или еминентни правни експерти не е запазена во пракса: три од петте моментални членови биле претходно службеници од кариера во јавната администрација и двајца во својство на судии. Ова ја поткопува професионалната рамнотежа и високото ниво на компетентност предвидени со закон. Дополнителните критериуми додадени со априлските измени на Законот за Судскиот совет не ја разјаснија ситуацијата значително“.

Еден од начините на сериозно нарушување на владеење на правото е неисполнување на едно од основните начела а тоа е начелото на одговорност во вршење на јавна функција како уставна категорија, што од своја страна ја отвара ширум вратата на самоволието и комоцијата за сторување на злоупотреби. Непостоењето на контролни механизми и казна за сторителите на неправото како и селективното спроведување на законот и регулираните правила, го прави системот порозен за продор  на разни влијанија или остварување на лукративни интереси на поединци или интересни групи што секако води кон нарушување на интегритетот и кредибилитетот на носителите на функцијата .

Токму непостоењето на основи и постапка за одговорност на членовите на Судскиот совет во досегашната законска регулатива доведе до комплетно разнишан судски систем.  Насместо Судски совет кој е олицетворение на еден центар на моќ кој ги диктира насоките и приоритетите во судството  без активно учество на судската фела и кој само дисциплинира и казнува по потреба, Советот треба да е орган кој секојдневно ќе манифестира одговорно и совесно работење, како пример и огледало за судиите. Тие, преку ова тело треба да имаат иституција – партнер со кој заеднички ќе ги согледуваат состојбите и ќе изнаоѓаат решенија за нивно надминување, со предлози за нови и реформски промени , но не само декларативно туку и во пракса.

Како прв чекор за обезбедување на примарни услови за градење на ваквов амбиент е токму регулирање на основите и постапката за одговорноста на членовите на Судскиот совет како колективно тело но и поединечната одговорност, а согласно член 104 став 9 од Уставот на РМ како и Комисијата или телото кое ќе ја води постапката, која во случај на утврдена одговорност може да резултира со разрешување на член на Советот.  Секако тука не треба да се изостават досегашните  случаи на постоење на повреда и злоупотреба, посочувани во меѓународните и домашните извештаи  као што се сомневањата за политичко и друго влијание при изборот и разрешувањето на судиите и претседателите на судовите, нетранспарентно работење на Советот, неизвршување на својата надлежност за утврдување на вистинитоста на јавно допрен глас за работењето на конкретен судија или суд и сл. Доколку сите овие сомнежи беа предмет на јавна расправа преку транспарента и законите постапка за оценка на одговорното работење на членовите на Советот, ќе се  исклучеше секоја можноста за шпекулации и претпоставки, што како состојба не треба да се дозволи во судството, бидејќи преку сликата за судството се создава и сликата за демократско и европски ориентирано општество, како пред домашната така и пред меѓународната јавност.

Би посочила уште една област поврзана со надлежноста на Судскиот совет а тоа е транспарентна и пристапност во  работа на Судскиот совет. Иако досега од страна на Судскиот совет направени се одредени напори да се подобри транспарентноста, особено преку редовно ажурирање на својата веб-страница и со овозможување на присуство на новинарите и граѓанските организации на седниците, сепак констатиран е недостиг на јасни  процедури за  јавноста и пристапноста  на работата на Советот.  Случаите кога Советот одлуката за исклучување на јавноста ја носеше на нетранспарентен начин без јасно образложени причини за оправданоста на таквата одлука, знаечше затворање на работата на советот а не штитење на јавниот интерес или интегритетот на судијата, што е  спротивно на препораките и забелешките во меѓународните докомунти.  И токму затварањето за јавност на информација која и по својата природа и по својата функција треба да биде јавно достапна е спротивно на основните начела за правда и правичност. Затоа подобрување на јавното работење и пристапност до работењето, со уредување на јасни процедури за јавноста во работењето на  Судскиот совет, потоа преку јавно објавување на сите одлуки кои ги носи Советот особено за избор, унапредување, оценување, дисциплинска одговорност, разрешување, записници од седници, анализи, заклучоци, извештаи и соопштенија за сите активности на Советот на веб порталотДури постапката и одлуките за оценка на роботењето на Советот согласно законот треба да бидат јавни, расправите за утврдување на канидатските ранг листи да се јавни како и причините и постапката за дисциплинирање судијата, Имено, ако судиите вршат јавна функција и правораздаваат во име на граѓаните, тогаш јавноста и граѓаните имаат право да знаат кој во нивно име суди и каков е нивниот квалитет. Ова ќе му оневозможи на Судскиот совет да се однесува тенденциозно и заштитнички во одбрана на својата фела  од секаков облик на  неквалитет и криминал во вршењето на судиската функција како исклучок а не како генерална перцепција за работењето на судиите.

Во овој контекст е и воспоставување на транспарентни процедури за избор и унапредување  врз основа на објективни и мерливи критериуми засновани на способност, интегритет и искуство во отворена и транспарентна постапка  (вградени во законот или како посебни процедури), согласно итните реформски приоритети и  препораките на Венецијанската комисија, со што ќе се избегне можноста за надворешни влијанија и притисоци.  Одлуката на Судскиот совет за унапредување на судии да биде проследена со образложение за причиниите и да биде предмет на судска ревизија и двостепеност на постапката.

Размислувањето во насока на депрофесионализација на членовите на Советот и изнаоѓање на модули за функционирање на едно професионално  експертско тело, што е еден од стратешките цели во реформските приоритети за судството, можеби ќе доведе до остварување на посакуваната цела а тое е стручно, професионално и независно тело. Во тој случај неминовно се јавува за потребно редефинирање на структурата и надлежностите на стручната служба во посебно експертско тело – Служба со специјализирани сектори со точно пропишани функции, одговорности, структура, постапки за вработување и систематизација на работни места, уредени со посебен закон. Експертско тело кое ќе делува како поддршка на работењето Судскиот совет во остварување на надлежностите, но со степен на самостојност во работењето исклучиво на основа на независно, непристрасно, одговорно, ефикасно и транспарентно извршување на работите согласно законот и утврдените процедури за работа. Материјалите, извештаите, анализите и стратегиите подготвени од страна на вработените во стручната служба да бидат достапни за јавна опсервација, анализа и критика.

Но, пред да се пристапи кон регулирање на вака суштинка измена , иако е согласно европските стандарди и препораки, треба да се случи како резултат на  една опсежна дебата и расправа со активна вклученост на чинителите на судската валст како и врз основа на компаративни анализи за изнаогање на најдоброто решение согласно спецификите на судксиот систем во Република Македонија

Судството како независна власт во РМ, има потреба од зголемување на независноста во располагање на средства од судскиот буџет.

Бидејќи дел од надлежностите на Судскиот совет се директно поврзани со ефикасноста и квалитетот во работењето на судиите и судовите, можеби е добро да се отвори дебата, надлежностите на Судско Буџетскиот Совет како тело со кое раководи Претседателот на Судски совет, да преминат целосно во надлежност и одговорност на Судскиот совет како и унификација на буџетскиот систем на сите судови во еден буџет со тенденција за остварување на предвидениот законски процент за самостоен судски буџет.

На таков начин Советот како орган кој пред се треба да биде одговорен за менаџирање на состојбите во судството од сите аспекти, ќе има целосен увид и одговорност за правилна распределба и управување со самостојниот судски буџет. Со постоечкото законско решение членови на Судско Буџетскиот Совет се претседатели на највисоките судови како постојани членови и претседатели на помалите судови со ротирачки мандат, службата на Судско Буџетскиот Совет е дел од стручната служба на Судски совет и не постои доволна координација во постапувањето на овие две тела, чија надлежност се преклопува и треба да се дополнува, како и недоволна одговорност и транспарентност за распределбата и наменско користење на судскиот буџет од страна на единките корисници.

Поактивно учество на преставници од судската власт во креирање на законските прописи, политиките и стратегиите за судството, преку јавни дебати, расправи и конкретни предлози, е нешто што се очекува во периодот што следи а со цел подигање на свеста за улогата што ја имаат носителите на функциите во судството и релевантните фактори, како единствено одговорни за транспаретно, отчетно, ефикасно, професионално е независно судство, услов  за остварување и заштита на човековите права и владеење на правото. Исто така пожелно е да се унапреди  соработката на институциите на судска власт со другите чинители во општеството и со сродните институции во земјите на регионот и пошироко за исполнување на поставените приоритети во рефомскиот процес, кој секако е долг процес кој бара многу трпение и заложби, особено во сегашниот општествено-политички амбиент во кој се наоѓа Република Македонија.

Препорачуваме

Партнери на Правдико