УНИЦЕФ: Речиси 50 милиони деца се раселени низ светот | Правдико

Правдико

   

УНИЦЕФ: Речиси 50 милиони деца се раселени низ светот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

UNicef-logo.png.pagespeed.ce.pmxeAi9tQQНиз светот се раселени речиси 50 милиони деца – 28 милиони од нив се протерани од своите домови поради конфликти што не се по нивна вина, како и милиони други кои мигрираат во надеж дека ќе најдат подобар, побезбеден живот, покажува извештајот на УНИЦЕФ.

Често истрауматизирани од конфликтите и насилството од кои бегаат, тие се соочуваат со дополнителни опасности на патот, вклучувајќи го и ризикот од давење при преминување на морето, потхранетост и дехидрација, трговија со луѓе, киднапирање, силување, па дури и убиство. Во земјите низ кои патуваат и на дестинациите, тие често се соочуваат со ксенофобија и дискриминација, се додава во извештајот.

Во новиот извештај објавен од УНИЦЕФ во средата, насловен „Откорнати“: растечката криза за децата-бегалци и мигранти, се изнесуваат нови податоци кои ја отсликуваат отрезнувачката слика за животот и состојбата на милиони деца и семејства погодени од насилни конфликти и други кризи, што прават да изгледа побезбедно сè да се ризикува на опасно патување отколку да се остане дома.

„Неизбришливите слики на поединечни деца – малото тело на Ајлан Курди исфрлено на брегот по давењето во морето или вчудовиденото и крваво лице на Омран Дакниш додека седи во амбулантата откако неговиот дом беше уништен – го шокираа светот“, изјави извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк. „Но, секоја слика, секое девојче или момче, претставува многу милиони деца во опасност – и ова бара да се погрижиме нашето сочувство за поединечни деца да се совпадне со акција за сите деца“, додава тој.

„Откорнати“ покажува дека:

·   Децата претставуваат непропорционален и сè поголем процент од луѓето кои бараат засолниште надвор од земјата на раѓање: тие сочинуваат околу една третина од светската популација, но околу половина од сите бегалци. Во 2015-та година, околу 45 проценти од сите деца-бегалци под заштита на УНХЦР потекнуваа од Сирија и Авганистан.

·   28 милиони деца биле протерани од своите домови поради насилство и конфликт во и надвор од границите, вклучувајќи 10 милиони деца-бегалци; 1 милион баратели на азил чиј бегалски статус сè уште не е утврден; и проценети 17 милиони деца раселени во сопствените земји – деца во очајна потреба од хуманитарна помош и пристап до критичните услуги.

·   Сè повеќе и повеќе деца ги минуваат границите сами. Во 2015 година, повеќе од 100.000 непридружувани малолетници поднеле барање за азил во 78 земји – трипати повеќе од бројот во 2014-та година. Децата без придружба се меѓу оние во најголем ризик од експлоатација и злоупотреба, вклучително и од шверцерите и трговците со луѓе.

·   Околу 20 милиони други деца-мигранти на меѓународно ниво ги напуштиле домовите поради различни причини, вклучувајќи и екстремна сиромаштија или насилство на банди. Многу од нив се изложени на посебен ризик од злоупотреба и затворање, бидејќи немаат документи, имаат несигурен правен статус, и бидејќи не постои систематско следење и мониторирање на нивната благосостојба – деца кои се лизгаат низ пукнатините на системот.

Според „Откорнати“, Турција е домаќин на најголемиот вкупен број скорешни бегалци, и многу веројатно, на најголемиот број деца-бегалци во светот. Во однос на бројот на население, Либан е домаќин на најголем број бегалци од огромен размер: приближно 1 лице од 5 лица во Либан е бегалец. За споредба, има по околу 1 бегалец на секои 530 лица во Велика Британија; и по 1 на секои 1.200 во САД. Кога пак се разгледуваат земјите-домаќини на бегалци според нивото на приход, Демократска Република Конго, Етиопија и Пакистан се домаќини на најголема концентрација на бегалци.

Во извештајот се тврди дека кога постојат безбедни и легални патишта, миграцијата може да понуди можности и за децата кои мигрираат и за заедниците во кои се приклучуваат. Анализата на ефектите од миграцијата во земјите со висок приход покажува дека мигрантите придонесуваат повеќе во даноците и социјалните давачки отколку што добиле; ги пополнуваат и високо и ниско-квалификуваните празни работни места на пазарот на трудот; и придонесуваат за економскиот раст и иновациите во земјите-домаќини.

Но, во суштина, децата кои заминале или биле насилно раселени од домот често ги губат потенцијалните придобивки од мигрирањето, како што се образованието – главен движечки фактор за многу деца и семејства кои сакаат да мигрираат. Дете-бегалец има петпати поголеми шанси да не оди на училиште во споредба со дете кое не е бегалец. Ако и воопшто можат да посетуваат училиште, тоа е место каде децата-мигранти и бегалци најверојатно ќе се соочат со дискриминација – вклучувајќи и неправедно постапување и малтретирање.

Надвор од училницата, правните бариери ги спречуваат децата-бегалци и мигранти да добиваат услуги на еднаква основа со децата кои се родени во земјата. Во најлош случај, ксенофобијата може да ескалира во директни напади. Само во Германија, властите откриле 850 напади врз бегалски прифатилишта во 2015-та година.

„Каква цена ќе платиме сите ние ако не успееме на овие млади луѓе да им дадеме можност за образование и понормално детство? Како тие ќе можат позитивно да придонесат за своето општество? Ако не можат, не само што ќе биде уништена нивната иднина, туку и нивните општества ќе опаднат“, рече Лејк.

Извештајот укажува на шест конкретни активности со кои ќе се заштитат и ќе им се помогне на раселените деца-бегалци и мигранти:

·Заштита на децата-бегалци и мигранти, особено на децата без придружба, од експлоатација и насилство.

· Ставање крај на притворањето на децата кои бараат статус на бегалци или кои мигрираат, преку воведување на неколку практични алтернативи.

·Задржување на семејствата заедно, како најдобар начин за заштита и давање правен статус на децата.

·Задржување на сите деца-бегалци и мигранти на училиште и обезбедување пристап до здравствени и други квалитетни услуги за нив.

·Притисок за акција околу основните причини за големите преселби на бегалците и мигрантите.

· Промовирање мерки за борба против ксенофобијата, дискриминацијата и маргинализацијата.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико