Правдико

   

Упатства од ПИОМ за уплата на придонеси од договорите за дело и авторските договори

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

EC62F1E57666924C9E980163A504E90A (1)Најчесто поставувани прашања за прием во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси на лицата кои имаат договор за дело и/или авторски договор или друг договор за извршување физичка и /или интелектуална работа, со кој е определен надоместок за извршената работа во нето износ повисок од минималната плата

Видови договори кои подлежат на прием во осигурување и плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување (пио) и здравствено осигурување (зо):

Договор за дело, авторски договор  или  друг договор за  извршување физичка и/или интелектуална работа по основ на кои физичкото лице остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, односно 9.590,00 денари за 2015 година.

Кој е обврзник за плаќање на задолжителен придонес за пензиско и инвалидско (пио) и здравствено осигурување (зо) ?

Физичко лице кое остварува приход од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор, или друг договор, кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

Физичко лице кое остварува приход од извршување физичка и/или интелектуална работаврз основа на повеќе договори, а збирниот нето износ на приходите по тие договори го надминува износот на минималната плата утврдена со закон. 

Странско физичко лице кое остварува  надоместок по основ на договор за дело, договор за авторско дело, или друг договор склучен со македонски резидент-правно или физичко лице, а истото има работна дозвола и регулиран престој со лична карта за странец, а воедно е државјанин на држава со која Република Македонија нема склучено Договор за социјално осигурување.

Обврската не се однесува за корисниците на пензија според прописите на пензиското и инвалидско осигурување.

Како обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување се сметаат лицата кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор, или друг договор во било која форма со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, освен корисниците на пензија според прописите на пензиското и инвалидско осигурување.

Обврзници за плаќање придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување се сметаат и лицата кои остваруваат надоместоци, односно примања остварени по други основи, а кои произлегуваат од извршување на одредена работа, како што се примања на членови на органи на управување и надзор во трговски друштва, органи на управување и надзор на државни и јавни институции и установи (агенции, дирекции, фондови, регулаторни тела, јавни претпријатија, институти, заводи и сл.), примања кои произлегуваат од извршување на функција од страна на именувани или избрани лица, како и примања од членување во други органи, совети, комисии, комитети, тела и слично, кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

Кои податоци треба да ги содржи договорот за дело/авторскиот договор или друг договор за извршување физичка и /или  интелектуална работа, со кој е определен надоместок за извршената работа

Се препорачува договорот да содржи:

  • Предмет на договорот
  • Договорни страни
  • Датум на склучување на договорот
  • Време траење на договорот
  • Износ на надоместокот
  • Превод на македонски јазик, ако е на странски јазик од овластен преведувач.

Кој е обврзник за пресметка и уплата на придонесите?

Правно лице-исплатувач на надоместокот по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа е обврзник за пресметка и уплата на придонесите за лице кое остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата. 

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија се обврзници за пресметка на придонесите за лицата кои остваруваат приходи врз основа на склучени договори со физички лица и странски правни лица и врз основа на повеќе склучени  договори чиј збирен нето износ е повисок од износот на минималната плата,  а обврзници за уплата на придонесите се лицата сами за себе.

Која е највисоката основица за плаќање на социјалните придонеси?

Највисоката месечна основица од шест просечни плати за пресметување и уплата на придонесите, се однесува одделно за примањата на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос остварени во тековниот месец и одделно за примањата од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа.

Рокови за поднесување на мпин-пресметка и рокови за плаќање на придонесите

Пресметката на придонесите се врши месечно  и се доставува до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во тековниот за претходниот месец, по електронски пат преку системот за интегрирана наплата (МПИН).

Плаќањето на месечната пресметка се врши до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Персоналниот данок на доход ќе се плаќа на ист начин како и досега.

Кој го доставува месечниот извештај и што тој содржи?

Правното лице-исплатувач на надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, должни се до Управата за јавни приходи да доставуваат МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ  кој содржи:

– податоци за бруто надоместокот утврден во договорите за дело, авторските договори и другите договори со физички лица, склучени во месецот за кој се однесува извештајот,

– податоци за пресметаните придонеси за месецот за секој обврзник за плаќање придонес поединечно, како и сумарно по видови договор и

– податоци за исплатениот нето надоместок во месецот за секој обврзник за плаќање придонес поединечно, како и сумарно по видови на договор. 

Како се врши прием во осигурување ?

Прием во осигурување на лице кое нема задолжително социјално осигурување (не е во работен однос, или самовработување)

1. Лице кое нема осигурување, а има договор кај едно правно лице –   исплатител

Потребни документи кои се поднесуваат во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд на ПИОМ) – Филијала/Деловница според местото на живеење, или вршење на работа:

  • Барање за прием во осигурување – го поднесува правното или физичкото лице
  • Договор (оригинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка
  • Овластување од физичкото лице
  • Копија од лична карта или лична карта на увид
  • Список на лицата за кои се поднесува барање (ако поднесува барања за повеќе од едно лице)

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во задолжително социјално осигурување
  • Изготвува М1 за период наведен во договорот
  • Електронско доставување за прием во осигурување до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и Управата за јавни приходи (УЈП)

Правното лице – исплатител:

  • Правното лице изготвува и доставува МПИН и ги плаќа придонесите

2. Лице кое нема осигурување, а има договор кај повеќе правни лица или/и физичко лице

Потребни документи кои се поднесуваат во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд на ПИОМ) – Филијала/Деловница според местото на живеење, или вршење на работа:

  • Барање за прием на осигурување  – поднесува  физичкото лице
  • Договор-и (оргинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка
  • Копија од лична карта или лична карта на увид

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во задолжително социјално осигурување
  • Изготвува М1 за период наведен во договорот
  • Електронско доставување за прием во осигурување до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и Управата за јавни приходи (УЈП)
  • ФПИОМ изготвува и доставува МПИН за придонес од задолжително социјално осигурување

Осигуреникот е обврзан да ги подигне МПИН пресметките и со Налогот за плаќање од ФПИОМ да изврши плаќање на придонесите.

3. Државјанин на РМ со договор за дело/авторски договор или друг вид на договор со странски исплатител (правно и физичко лице)

Потребни документи кои се поднесуваат во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд на ПИОМ) – Филијала/Деловница според местото на живеење, или вршење на работа:

  • Барање за прием на осигурување – поднесува физичкото лице
  • Договор (оригинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка
  • Копија од лична карта или лична карта на увид

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во задолжително социјално осигурување
  • Изготвува М1 за период наведен во договорот
  • Електронско доставување за прием во осигурување до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и Управата за јавни приходи (УЈП)
  • ФПИОМ изготвува и доставува МПИН за придонес за задолжително социјално осигурување

Обврзник за пресметка на придонес за задолжително социјално осигурување е Фондот ПИОМ.

Обврзник за плаќање на придонесите е физичкото лице – осигуреник.

4. Странско физичко лице кое има договор со домашен исплатител (правно – физичко лице)  

За странско физичко лице кое има работна дозвола и регулиран престој со лична карта за странец, а воедно е државјанин на држава со која Република Македонија нема склучено Договор за социјално осигурување, во тој случај е обврзник за плаќање на придонесите.

Потребни документи кои се поднесуваат во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд на ПИОМ) – Филијала/Деловница според местото на живеење, или вршење на работа:

  • Барање за прием на осигурување – поднесува физичкото лице
  • Договор (оригинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка
  • Копија од лична карта или лична карта на увид

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во задолжително социјално осигурување
  • Изготвува М1 за период наведен во договорот
  • Електронско доставување за прием на осигурување до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) и Управата за јавни приходи (УЈП)
  • ФПИОМ изготвува и доставува МПИН за придонес од задолжително социјално осигурување

Обврзник за пресметка на придонес за задолжително социјално  осигурување е Фондот ПИОМ.

Обврзник за плаќање на придонесите е физичкото лице – осигуреник.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Појаснувања за уплатата на придонеси по основ на договор за дело и авторските договори

– Карактеристики на договорот за дело

– Пријавување придонеси кај договорите за дело и авторските договори согласно новите законски измени

Партнери на Правдико