Услови и начин на полагање на правосудниот испит согласно новиот закон | Правдико

Правдико

   

Услови и начин на полагање на правосудниот испит согласно новиот закон

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со објавувањето на новиот Закон за правосудниот испит се менува начинот на полагање, кој ќе започне со примена од 1-ви јануари 2020 година.

Што предвидува новиот Закон за правосудниот испит?

Испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на лицата кои имаат завршено четиригодишно високо образование на правни студии VII/1, како и лицата кои студирале правни студии според Болоњската декларација и имаат 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС)  за самостојна примена на прописите во практиката и вршење на правни работи за кои со закон е предвиден тој услов.

Дипломираните правници на кои им е потребна пракса за стручно оспособување и за стекнување на услови за полагање на испитот истите можат да ја стекнат во судовите, јавните обвинителства, адвокатите, нотарите, извршителите, Државното правобранителство на Република Северна Македонија и Народниот правобранител на Република Северна Македонија.

Услови и начин на спроведување на испитот

Испитот можат да го полагаат дипломирани правници кои работеле најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народен правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител.

Испитот можат да го полагаат и дипломирани правници кои работеле најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица.  Времето поминато на практика заради стручно оспособување во суд, јавно обвинителство, Државно правобранителство на Република Северна Македонија, кај Народен правобранител на Република Северна Македонија, адвокат, нотар или извршител, во согласност со закон, се смета како време поминато на работа во тие органи.

Кандидатите треба да ги исполнат овие услови најдоцна до петтиот ден од месецот во кој се спроведува сесијата. Предвремено полагање на испитот е забрането.

Испитот се состои од писмен и устен дел.

Писмениот дел се полага по предметите Кривично и Граѓанско право.

Усниот дел се полага по предметите:
– Кривично право (кривично материјално и процесно право),
– Граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право),
– Трговско право,
– Трудово право,
– Уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за
заштита на човековите права и основни слободи,
– организација на правосуден систем и управно право и
– судир на закони и меѓународна правна помош.

Програмата за полагање на испитот ја пропишува министерот за правда и истата се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.  Програмата ги содржи прописите, правната литература и испитните прашања.

Испитот се полага пред испитна комисија  која се состои од претседател и шест члена и нивни заменици именувани од министерот за правда од редот на професорите по право од акредитираните правни факултети во државата, судиите, јавните обвинители и адвокати, со решение со кое се определени предметите по кои тие испитуваат.

Испитот се полага во февруарска, априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија.

Ако предметот е составен од писмен и устен дел, кандидатот мора прво да го положи писмениот дел за да пристапи кон полагање на усниот дел.  На писмениот дел од испитот кандидатот решава определен случај од практиката (архивиран судски предмет) со примена на прописи од соодветната област.

Времето за решавање на случајот од практиката, одделно за секој предмет, изнесува по четири часа непрекинато.  На писмениот дел од испитот задолжително присуствува членот на Комисијата или неговиот заменик кој го испитуваат конкретниот предмет и секретарот наКомисијата.  Резултатите од писмениот дел се објавуваат на веб страницата на Министерството за правда најдоцна во рок од пет дена од денот на полагањето на испитот.

Усниот дел од испитот се спроведува најдоцна во рок од 14 дена од денот на завршувањето на последниот писмен испит. Усниот дел од испитот е јавен и се спроведува пред најмалку тројца членови на Комисијата од кои еден е испитувачот по конкретниот предмет.  На усниот испит по секој предмет кандидатот одговара на три прашања кои ги влече од претходно подготвените прашања. Секое ливче содржи само едно прашање.Испитувачот и присутните членови на Комисијата можат на кандидатот да му поставуваат дополнителни прашања заради оценка на неговото вкупно знаење од определена област. По завршување на испитниот ден, членовите на Комисијата кои го спроведувале испитот со мнозинство гласови одлучуваат дали кандидатот го положил или не го положил предметот.

Ако предметот се состои од писмен и од устен дел, се смета дека е положен доколку се положени и двата дела од предметот.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико