Услови и постапка за посвојување на малолетно дете
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување). Каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од дванаесет години.
Посвојувањето се засновува пред Комисија која е составена од 15 члена именувани од министерот за труд и социјална политика.
Кој може да се јави како посвоител?
Никој не може да биде посвоен од повеќе лица, освен кога како посвоители се јавуваат брачните другари. Посвоител, по правило, може да биде само државјанин на Република Македонија. По исклучок како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин. Во тој случај потребно е да се прибават извадоци од законот што се однесува на посвојувањето на земјата на посвоителите и други информации и докази за да се обезбеди најмалку еднакви или подобри услови за животот и развојот на детето. За посвојувањето од страна на странски државјанин потрбна е дозвола од Комисијата која ќе ја издаде само ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија.
Услови и критериуми за посвојување
Посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно водење на родителските права и да не е постаро од 45 години.
Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот.
По исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години.
Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.
Изборот на посвоителот ќе зависи од следните критериуми:
– здравствена состојба,
– психо-социјален статус,
– материјални услови,
– станбени услови,
– време на чекање,
– степен на образование,
– брачен статус и
– државјанство.
Кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, детето може да биде посвоено без разлика на старосните граници. Исто така по исклучок како посвоител може да се јави и лице или брачни другари кои ја надминуваат горната граница на старост, доколку се посвојува брат или сестра на детето кое е веќе посвоено.
Посвоител не може да биде лице:
а) на кое му е одземено или ограничено родителското право, ако и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца,
б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност,
в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот,
г) кое е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот
д) чија физичка попреченост е од толкав степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето;
ѓ) ако е постаро од 45 години;
е) зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол;
ж) кое има тешко хронично заболување или е болно од неизлечлива заразна болест и
з) ако мислењето на стручниот тим на Центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.
За посвојување е потребна согласност на обата родители на посвоеникот, односно на неговиот старател, како и на посвоеникот ако е постар од дванаесет години.Доколку родителот е малолетен, покрај неговата согласност се зема и согласноста на законскиот застапник.Не е потребна согласност на родител на кој му е одземена деловната способност или му е одземено вршењето на родителското право или на родител на кој девет месеци не му се знае престојувалиштето.Исто така не е потребна согласност ниту од родител, за дете кое девет месеци е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето.
Лицето кое сака да посвои дете, поднесува барање потпишано од двата брачни другари до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика.
Кон барањето се приложуваат следниве документи:
- државјанство;
- извод од матичната книга на родените;
- извод од матичната книга на венчаните;
- лекарско уверение за здравстваната и психофизичката состојба на двајцата брачни другари;
- уверение дека не се лишени од родителски права-од Суд;
- уверение дека не се осудувани -од Суд;
- уверение дека не ви е одземена деловната способност-од Суд;
- уверение за материјалната состојба-од Управа за јавни приходи;
- доказ за сопственост на стан;
- потврда за степен на образование-фотокопија заверена кај нотар;
- документ за месечните примања и други приходи со кои располагаат и
- фотокопија на лична карта.
Доколку подносителите на барањето се странски државјани потребно е покрај овие документи да достават и социјален извештај од надлежната служба во кој треба да биде содржана и согласноста на земјата, соодветните лица да можат да посвојат дете од нашата земја.
Сите документи треба да се однесуваат на двата брачни другари и треба да бидат доставани во оригинал и со судски заверен превод.
Важноста на документите е една година.
По засновањето на потполно посвојување во матичната книга на родените, како родители на детето се запишуваат посвоителите, а како место на раѓање на детето се запишува местото што спогодбено ќе го определат посвоителите.
По засновањето на непотполно посвојување во матичната книга на родените се запишува презимето на детето што спогодбено ќе го определат посвоителите и се забележува дека детето е непотполно посвоено.
Матичарот е должен да изврши нов упис во книгата на родените и за тоа да им издаде на посвоителите извод од матичната книга на родените.
–ПРАВДИКО–