Услови за ангажирање на практиканти согласно новиот закон
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во новиот Закон за практиканство кој започна со примена од 29.05.2019 година, се уредува постапката и условите за остварување на практикантство, правата и обврските на практикантот и на работодавачот кај кој се реализира практикантската работа, договорот за практикантска работа и евиденцијата на практикантската работа.
Дефиниции согласно законот:
Што е практиканство?
Практиканство е работна активност којашто вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување. Под практикантството не се подразбира вршење на приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа согласно со Законот за работните односи, како и обука, преквалификација и доквалификација согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Што е практикант?
Практикант е физичко лице кое врши практикантска работа кај работодавач со цел да се стекне со практични знаења и вештини што ќе му помогнат да ја подобри вработливоста на пазарот на трудот. Практикант согласно со овој закон може да биде секое физичко лице државјанин на Република Македонија кое ги исполнува условите утврдени со овој закон.
Услови за вршење на практикантска работа
Основни услови кои практикантот треба да ги исполнува се:
– да не е во работен однос,
– да не е постар од 34 години и
– да има завршено најмалку основно образование.
При изборот на практикант се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Времетраење на практикантската работа
Периодот на траење на практикантска работа кај еден работодавач може да изнесува до шест месеци. Кај ист работодавач практикантска работа може да се врши само еднаш од исто лице.
Дозволен број на практиканти
Максималниот број на практиканти кои можат да реализираат практикантска работа кај еден работодавач во исто време, се определува според бројот на вработени на неопределено време на денот на пријавување на практикантот кај работодавачот и тоа:
– од еден до пет вработени – еден практикант,
– од шест до 10 вработени – до два практиканта,
– од 11 до 50 вработени – до четири практиканти,
– од 51 до 150 вработени -до осум практиканти,
– од 151 до 250 вработени – до 15 практиканти,
– од 251 до 500 вработени – до 30 практиканти и
– над 500 вработени – до 50 практиканти.
Бројот на ангажирани практиканти од страна на еден работодавач во кој било момент не смее да го надмине максималниот број кој е определен врз основа на бројот на вработени на неопределено време кај работодавачот.
Надоместок за практикантска работа
Практикантот за време на практикантската работа кај работодавачот има право на месечен надоместок кој се исплаќа од страна на работодавачот. Висината на месечниот надоместок се утврдува во нето износ за полно работно време во зависност од времетраењето на периодот на практикантската работа и тоа:
– од 42% до 74% од минималната нето плата, утврдена согласно со закон, за практикантска работа до три месеци и
– во висина на минималната нето плата утврдена согласно со закон, за практикантската работа над три месеци, сметано од четвртиот месец.
Доколку практикантската работа, согласно со договорот за практикантската работа, се реализира во период пократок од полното работно време, надоместокот за практикантската работа ќе се пресметува пропорционално на времето поминато на практикантската работа.
Во случај на отсуство од работа по кој било основ, освен одмор за време на работа и празници утврдени со закон, надоместокот се исплаќа пропорционално на времето поминато на практикантската работа.
Надоместокот за практикантската работа на практикантот, работодавачот е должен да го исплати најдоцна до 15 во тековниот месец за претходниот месец.
Права и обврски на практикантот
Практикантот, пред започнување на практикантската работа треба да се информира за правата за време на вршењето на практикантската работа и тоа:
– во писмена форма да го добие описот на целите, задачите и процесот на практикантството, пред да го склучи договорот за практикантска работа,
– да биде запознаен со условите за работа и опасностите поврзани со работата за време на практикантството, пред започнување на истото,
– да биде запознаен со општите акти на работодавачот,
– на дневен и неделен одмор исто како вработените кај работодавачот согласно со општите прописи за работните односи,
– на платен одмор во траење од два работни дена месечно, доколку работи со полно работно време или еден работен ден месечно доколку работи со неполно работно време,
– на надоместок за практикантска работа од членот 8 од овој закон и
-надоместок на трошоци за службени патувања и други надоместоци кои настанале за потребите на вршење на практикантската работа
Практикантот за време на практикантската работа е должен да:
– потпише договор за практикантска работа со работодавачот, пред започнувањето со практикантската работа,
– работи согласно со закон, договорот за практикантска работа и општите акти на работодавачот со кои претходно е запознаен,
– учествува во обуката и посветено да работи на доверените задачи,
– користи средства за заштита при работа, согласно со прописите за безбедност и здравје при работа,
– го извести работодавачот за болест или други причини за привремена или трајна спреченост за вршење на практикантската работа,
– ги чува доверливите податоци, односно класифицираните информации на работодавачот, со кои е запознаен во текот на практикантската работа и
– го извести работодавачот за штетни последици за кои е запознаен дека можат да настанат за него, за трети лица или за работодавачот.
Обврски на работодавачот
Работодавачот е должен:
– да го објави јавениот оглас за практикантска работа на својата интернет страница и/или на интернет страницата на Агенцијата за вработување на Република Македонија или друг јавен медиум,
– да ги утврди очекуваните цели за ангажирање на практикантот, задачите и процесот на практикантската работа, кои треба да бидат јавно достапни на заинтересираните кандидати во огласот за практикантска работа,
– да потпише договор за практикантска работа со избраниот кандидат,- да изврши пријава на практикантот, најмалку еден ден, пред започнување на вршење на практикантската работа и одјава во рок од осум дена по завршување на практикантската работа, односно по престанокот на договорот за практикантска работа, во Агенцијата за вработување на Република Македонија,
– да обезбеди одговорно лице – ментор за континуиран надзор на практикантот, кој ќе ја организира практикантската работа, ќе го следи напредокот на практикантот и ќе осигура остварување на целите за учење и практикантство,
– да обезбеди надзор над работата на практикантот од страна на менторот и да не дозволи самостојно работење на практикантот,
– да обезбеди оптимални услови за работа и материјали и средства за извршување на практикантската работа,
– да му издаде на практикантот потврда за стекнатите знаења, вештини и компетенции, како и опис на практикантската работа и нејзиното времетраење, во рок од осум работни дена од завршување на практикантската работа,
– редовно да му го исплаќа надоместокот утврден во договорот за практикантска работа,
– да плати данок на личен доход на исплатениот износ на надоместокот,
– да обезбеди средства за заштита при работа, доколку за работното место на кое се врши практикантската работа е пропишано да се користат,
– да обезбеди тајност на личните податоци и заштита на приватноста на практикантот и
– да плати придонес врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување.
Работодавачот не може на практикантот да му наплаќа трошоци за обука, трошоци за превоз, работни материјали и други трошоци поврзани со вршењето на практикантската работа. Исто така не може да му наложи на практикантот да работи задачи кои не се опишани во договорот за практикантска работа.
Глоби
За непочитување на овој закон предвидени се прекршоцни одредби со глоби до 1.500 евра, како и 30% од одмерената глоба за одговорното лице во правното лице.
Предвидена е и глоба од 150 до 250 евра и за работодавачи – физички лица, кои нема да го почитуваат законот.
–ПРАВДИКО–