Услови за добивање дозвола за поседување оружје | Правдико

Правдико

   

Услови за добивање дозвола за поседување оружје

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

(Обновено 29.01.2019г.) Под поимот „Оружје“,  се смета секој предмет или орудие, направени со цел под притисок на гасови, кои настануваат при согорување на експлозивни материи, гасови под притисок или друга потенцијална енергија, да исфрлаат проектил во облик на единечно зрно, сноп од сачми, гас, течност, стрели или друга состојка, што предизвикува повреди опасни за здравјето и животот на луѓето, како и секој друг предмет чија основна намена е вршење напад врз физичкиот интегритет на луѓето.

800px-Rosario_Dawson_firing_a_M11_pistol

Оружје согласно Законот за оружјето се смета:

1) огнено оружје;
2) колекционерско оружје;
3) оружје за самозаштита;
4) пневматско оружје;
5) гасно оружје;
6) експлозивно оружје;
7) оружје со тетива;
8) ладно оружје;
9) оружје за светлосно-звучна сигнализација и
10) електрични парализатори.
11) реплика на старинско оружје.

Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи согласно со категоризацијата на оружјето.  Одобрението се издава за секое поединечно набавување на оружје во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето.

Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради:

– заштита на нивната личност и имот,

– за лов и спортско стрелаштво.

Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.

Одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови:

1) има наполнето 18 години живот;
2) не му е одземена или ограничена деловната способност;
3) здравствено е способно да поседува и носи оружје;
4) не претставува опасност за јавниот ред;
5) има оправдана причина за набавување на оружје;
6) располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје  и
7) има живеалиште на територијата на Република Македонија со важечка лична карта, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Македонија, со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

Исполнетоста на условот од точка 6  се проверува со полагање на стручен испит. Пред спроведување на стручниот испит  физичките лица баратели на одобрение за набавување на оружје практично се оспособуваат за ракување со оружјето. Практичното оспособување за ракување со оружје го врши овластено правно лице. За спроведеното практично оспособување за ракување со оружје, овластеното правно лице е должно да издаде посебна потврда.

По практичното оспособување за ракување со оружје се полага стручен испит кој се спроведува во просториите на овластеното правно лице кое технички го спроведува стручниот испит.

Стручниот испит се состои од два дела, и тоа:

– теоретски (прв) дел со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и
– практичен (втор) дел со кој се проверуваат практичните способности на кандидатите.

Теоретскиот (првиот) дел од стручниот испит опфаќа:

1) Законот за оружјето;
2) Кривичниот законик;
3) прва помош и
4) теоретско познавање на безбедното ракување со оружје и муниција (расклопување, склопување, чистење и одржување на оружјето и муницијата).

Практичниот (вториот) дел од стручниот испит опфаќа:

1) практично познавање на безбедното ракување со оружје и муниција (расклопување, склопување, чистење и одржување на оружјето и муницијата) и
2) изведување на гаѓање со оружје.

Теоретскиот дел од стручниот испит се полага по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.

gun-330x300Се смета дека  физичкото лице има оправдана причина за набавување на оружје, ако докаже дека постојат оправдани причини за поседување на оружје, а особено ако неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозени, поради што е потребно поседување на оружје заради нивна заштита и сигурност или ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот.

Покрај овие причини, се смета дека физичкото лице докажало дека има оправдана причина за поседување на оружје, ако:

– е активен член на ловечко или стрелачко друштво односно има потврда дека е активен член на стрелачко друштво,
– собира колекционерско оружје, односно е колекционер,
– донесена е правосилна судска одлука за наследување на оружјето,
– доделена е награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или
– доделено е оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.

За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје.

Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.

Обврски на корисникот на оружјето

– Сопственикот или корисникот на оружје е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица.

– не смеат да ги бришат или оштетуваат ознаките што се втиснати на оружјето од страна на производителот на оружјето или ознаките дополнително ставени на оружјето од страна на други надлежни државни органи.

-Забранета е продажба на оружје и муниција на лице кое нема одобрение за набавување, односно одобрение за набавување на колекционерско оружје, како и давање оружје на употреба на лице кое нема дозвола за оружје или дозвола за колекционерско оружје или дозвола за носење на тоа оружје.

– Не е дозволено носење на оружје, како и имитација на оружје кое видно не се разликува од оружје, на начин на кој ќе ги вознемирува граѓаните или на начин на кој оружјето ќе биде јасно видливо.

– Сопственикот или корисникот на оружје кога има право да го носи е должен оружјето да го носи на начин што нема да ја загрозува личната сигурност и сигурноста на другите.

– Сопственикот или корисникот на оружјето е должен пренесувањето на оружјето да го врши на начин што оружјето, ако технички е можно, мора да биде расклопено, односно цевката да биде одвоена од механизмот за затворање, а ако не е можно муницијата да биде одвоена од оружјето.

– Забрането е носење и употреба на оружје од страна на сопственикот или корисникот на оружјето, кој со употреба на алкохол, дроги или друг начин ќе се доведе во состојба во која не може да го сфати значењето на своето дело или да управува со своите постапки.

– Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот.

– Лицето кое со себе носи оружје е должно да ја носи дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето. На барање на овластено службено лице на надлежниот орган, лицето е должно да ја покаже дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето.

Дозволата за оружје Дозволата за колекционерско оружје и дозволата за носење на оружје ќе се поништи во случај кога:

1) ќе истекне важноста на дозволата, а истата не е продолжена;
2) донесено е конечно решение за одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје;
3) одобрението за постојан престој на странец на територијата на Република Македонија престанало согласно со прописите за движење и престој на странците и
4) ќе настапи смрт на имателот на дозволата и
5) оружјето е украдено, односно исчезнато или продадено.

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико