Услови за добивање уверение за овластен државен ревизор
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Државната ревизија се врши на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините, буџетските корисници, единките корисници, јавните претпријатија, трговските друштва во кои државата е доминантен акционер, агенциите и другите институции основани со закон, другите институции финансирани со јавни средства, Народната банка на Република Македонија, политичките партии финансирани со средства од Буџетот, на корисници на средства од Европската унија (освен на системот за имплементација, раководење и контрола на инструментот за претпристапна помош во Република Македонија) и на корисници на средства од други меѓународни институции .
Државната ревизија, опфаќа:
1) испитување на документите, исправите и извештаите, сметководствените и финансиските постапки, електронските податоци и информационите системи и други евиденции од аспект на тоа дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат финансиската состојба и резултатот на финансиските активности во согласност со прифатените сметководствени начела и сметководствени стандарди;
2) испитување и оцена на извештаите на извршената интерна контрола и јавна внатрешна финансиска контрола, испитување и оцена на системот на финансиски менаџмент и контрола;
3) испитување на финансиските трансакции кои претставуваат јавни приходи и јавни расходи во смисла на законско и наменско користење на средства;
4) давање оцена за користење на средствата од аспект на постигнатата економичност,ефикасност и ефективност и
5) давање оцена за преземените мерки од страна на субјектите предмет на ревизија, во врска со утврдените состојби и дадените препораки содржани во конечниот ревизорски извештај.
Државната ревизија ја врши овластен државен ревизор и државен ревизор, вработени во Државниот завод за ревизија. Овластениот државен ревизор е стручно лице кое поседува уверение за овластен државен ревизор . Овластениот државен ревизор ја врши ревизијата тимски, во екипи составени од државни ревизори. Во случај на спреченост на некој од државните ревизори, задолжително во екипата се определува негова замена.
За стекнување на звањето овластен државен ревизор лицето треба да ги исполнува следниве услови:
1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да има високо образование од областа на економските, правните науки, информатичката технологија или друго соодветно образование за вршење ревизија;
3) да има положен испит за стекнување на звање овластен државен ревизор или да има уверение за овластен државен ревизор и
4) да даде изјава дека во работењето ќе ги применува правилата утврдени со Кодексот на етика на ИНТОСАИ.
Испит за стекнување на звање овластен државен ревизор може да полага лице кое има најмалку пет години работно искуство на сметководствени или финансиски работи, односно три години работно искуство на работи на ревизија или контрола.
Испитот за стекнување на звање овластен државен ревизор се полага пред комисија.Организирањето и спроведувањето на стручниот испит за овластен државен ревизор го врши Комисијата за спроведување на стручен испит. Организирањето и спроведувањето на стручниот испит за добивање на звање овластен државен ревизор се организира по потреба, но најмалку еднаш годишно.
Комисијата со оглас во дневниот печат и на веб страната на ДЗР ги известува заинтересираните кандидати за временскиот период и местото на одржување на обуката и стручниот испит. Огласот се објавува во најмалку два дневни весника од кои во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните што зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и на веб страната на ДЗР.
Барањето за полагање на стручен испит се поднесува до Државниот завод за ревизија и ги содржи следните податоци:
– име и презиме;
– адреса на живеење и
– е – пошта.
Со барањето за полагање на стручен испит кандидатот ги приложува следните документи:
– диплома за завршен факултет од областа на економските, правните науки, информатичката технологија или друго соодветно образование за вршење ревизија;
– потврда за работно искуство (5 години работно искуство на сметководствени или финансиски работи, односно 3 години работно искуство на работи на ревизија или контрола, како и времето поминато на пракса во Државен завод за ревизија и во друштво за ревизија се смета како време поминато на работа во тие институции) и
– уверение за државјанство .
Стручниот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Датумот и времето на полагањето на стручен испит се објавуваат на веб страницата на Државниот завод за ревизија најмалку три дена пред одржувањето на испитот. Полагањето на стручниот испит се снима и во живо се емитува на веб страницата на Државниот завод за ревизија, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Државниот завод за ревизија.
Стручниот испит започнува со полагање на првиот дел, по секој од предметите (методологија на ревизијата, примена на меѓународни сметководствени стандарди, основи на информациони системи и технологија, кодекс на етика да државните ревизори и уставно уредување на Република Македонија и регулатива). Првиот дел од стручниот испит содржи 90 прашања на заокружување, со дадени 5 опции од кои една е точна, две се слични и две не се точни. Оценувањето на кандидатите во рамките на предметната програма се остварува според следниов критериум: прв дел од испитот носи 45 поени при што секое прашање се оценува со 0.5 поени.
Кандидатот мора да ги положи сите испити од првиот дел во најмногу 3 последователни сесии, во спротивно ќе се смета дека кандидатот не го положил првиот дел од испитот. Полагањето на првиот дел од стручниот испит се врши со одговарање на прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од првиот дел од тестот за полагање на испитот изнесува 120 минути за секој од предметите. Резултатите од полагање на стручниот испит му се достапни на кандидатот веднаш по завршување на истиот.
Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од тестот освоил најмалку 32 поени.
Вториот дел се полага во рок од најмалку 15 дена по успешно полагање на првиот дел. Вториот дел од испитот се полага по следните предмети: –
– методологија на ревизијата,
– примена на меѓународни сметководствени стандарди,
– основи на информациони системи и технологија и
– уставно уредување на Република Македонија и регулатива.
Вториот дел од испитот содржи 10 прашања и/или решавање на задачи, при што секое од нив се оценува со 5,5 бодови. Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој освоил најмалку 39 поени.
Кандидатот мора вториот дел да го положи во две последователни сесии по завршување на теоретскиот (првиот) дел, во спротивно ќе се смета дека кандидатот стручниот испит не го положил. Полагањето на вториот дел од стручниот испит се врши со проучување на практичен пример од областа на предметот и одговарање на прашања и/или решавање на задачи кои кандидатот треба да ги одговори, односно реши врз основа на практичниот пример во вид на електронско софтверско решение. Задачите кои се составен дел од вториот дел од стручниот испит се решаваат писмено на хартија.
Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата и/или решавање на задачите од практичниот пример изнесува 120 минути. Резултатите на кандидатот од вториот дел на стручниот испит му се достапни најдоцна во рок од 5 дена од полагањето.
На кандидатот кој успешно го положил испитот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на резултатите на огласна табла и на веб страната на ДЗР му се издава уверение за положен испит за овластен државен ревизор.
–ПРАВДИКО–