Услови за изрекување мерка на општокорисна работа | Правдико

Правдико

   

Услови за изрекување мерка на општокорисна работа

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sezonskocistenjeЗа кривични дела за кои е пропишана парична казна или казна затвор до три години судот може, со согласност на сторителот, да му изрече мерка на општокорисна работа на слобода, ако делото е сторено под олеснувачки околности, а сторителот порано не бил осудуван.

Мерката се изрекува во траење од 40 до 240 часа, така што осудениот е обврзан да ги одработи без надоместок во државен орган, јавно претпријатие, јавна установа илн хуманитарна организација, за време на државни празници, саботни и неделни денови и не пократко од пет часа неделно, во период најмногу до 12 месеца. Кога постојат здравствени или оправдани лични и семејни причини судот може да го продолжи извршувањето на мерката најмногу уште за шест месеци.

Кога судот ќе изрече парична казна до 90 дневни глоби или 1.800 евра во денарска противвредност или казна затвор до три месеца, може истовремено да одлучи, по барање на осудениот, за замена на казната со општокорисна работа, при што еден ден затвор, дневна глоба или 20 евра во денарска противвредност се заменуваат со три часа општокорисна работа со тоа што вкупниот збир на часови не може да надмине 240 часа. При одлучувањето за замена на казната со мерката на општокорисна работа судот ќе ја земе предвид тежината на делото, степенот на кривичната одговорност, поранешната неосудуваност на сторителот и извршеното надоместување на штетата или отстранување на другите штетни последици на делото.

По добивање на правосилна судска одлука, центарот во рок од 15 дена определува стручен работник кој ќе ја извршува и ќе врши надзор над извршувањето на општокорисната работа. Стручниот работник веднаш изготвува индивидуален план и програма за работата на осуденото лице.

Ако осудениот не ги исполнува или неуредно ги исполнува своите работни обврски, судот писмено го опоменува, а ако тој продолжи со таквото однесување судот може да одлучи да го зголеми бројот на часовите или да го продолжи извршувањето на мерката за најмногу три месеца, ако за тоа постојат оправдани причини или да го замени неизвршениот дел од мерката со парична казна или казна затвор, така што за секои три часа општокорисна работа се засметува една дневна глоба или еден ден затвор.

Ако во случај  осудениот не ја извршува општокорисната работа, изречена како замена за паричната казна или казната затвор , судот донесува одлука за извршување на изречената казна. Работната обврска што сторителот ја исполнил се засметува во казната, при што за секои три часа општокорисна работа се засметува еден ден затвор или една дневна глоба или 20 евра во денарска противвредност.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико