Услови за настанување на компензација (пребивање) | Правдико

Правдико

   

Услови за настанување на компензација (пребивање)

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

vaga-540x320Компензацијата како посебен начин на престанување на облигациониот однос преставува ефикасен начин на забрзување на правниот промет особено кога станува збор за заемни парични побарувања, но воедно и средство за регулирање на паричните обврски без употреба на готови пари.  Оттука должникот може да го пребие побарувањето што го има спрема својот доверителот со она што овој го побарува од него, ако двете побарувања гласат на пари или други заменливи предмети од ист род и ист квалитет и ако двете се стасани.

Ова кажува дека компензацијата е таков начин на престанување на облигационо-правниот однос, кај кој меѓусебните побарувања на две лица кои потекнуваат од различни облигационоправни односи се укинуваат со меѓусебно засметување.

За постигнување на компензација (пребивање) потребно е да се исполнат одредени услови и тоа:

– Заемност на побарувањата (кога должникот може да го пребие побарувањето што го има спрема својот доверител со она што овој го побарува од него.)

– Еднородност на побарувањата ( кога страните за свој предмет ги имаат парите или некој друг вид заменливи ствари од ист род и квалитет.

– Втасаност на побарувањата ( ако ниедно од побарувањата не е втасано, не е можно нивно компензирање(пребивање))

– Утуживост на побарувањата ( побарувањата не смеат да бидат застарени, бидејќи доколку се застарени тие се неподобни за компензирање)

Пребивање не настанува штом ќе се стекнат услови за тоа, туку е потребно едната страна да и изјави на другата дека врши пребивање. Изјавата за пребивање може да се даде самоиницијативно штом се исполнат условите за тоа, а може да се даде и со приговор за пребивање ( компензација) во случај кога едната страна ќе побара исполнување на своето побарување, а другата страна и стави на неа приговор на барањето за исполнувањето и изјави дека врши пребивање на своето побарување спрема неа.По изјавата за пребивање се смета дека пребивањето настанало оној момент кога се стекнале условите за тоа.

Долг може да се пребие со застарено побарување само ако тоа уште не било застарено во моментот кога се стекнале условите за пребивање. Ако условите за пребивање настанале откако едно од побарувањето застарело, пребивање не настанува ако должникот на засатреното побарување истакнал приговор за застареноста.

При пребивање со отстапено побарување, примачот на побарувањето ги има истите права што ги имал отстапувачот на побарувањто спрема должникот до отстапувањето, според ова положбата на должникот на отстапеното побарување не се менува во ништо. Оттука  должникот на отстапено побарување може да му ги пребие на примачот оние свои побарувања кои до известувањето за отстапувањето можел да му ги пребие на отстапувачот. Тој може да му ги пребие и оние свои побарувања од отстапувачот што ги стекнал пред известувањето за отстапувањето, а чиј рок за исполнување не стасал во моментот кога е известен за отстапувањето, но само ако тој рок паѓа пред рокот за исполнување на отстапеното побарување или во исто време.

Постојат и случаи кога компензацијата (пребивањето) е исклучено и тоа  за :

1) побарување кое не може да се заплени;

2) побарување на предмети или вредности на предмети кои на должникот му биле дадени на чување или на заем, или кои должникот ги зел бесправно или ги задржал бесправно;

3) побарување настанато со намерно причинување штета;

4) побарување на надомест на штета причинета со оштетување на здравје или со причинување смрт и

5) побарување што произлегува од законската обврска за издржување.

Должникот не може да врши пребивање ако неговото побарување стасало дури откако некој трет ставил забрана над побарувањето на доверителот спрема него. Значи ваквото забрането побарување не може да угасне врз основа на компензацијата.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико