Услови за основање политичка партија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта.
Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.
Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:
– насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; – поттикнување или повикување на воена агресија и
– разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Услови за основање и регистрација
Политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија. Член на политичка партија може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин на Република Македонија кој ќе даде потпис за доброволно членство во политичката партија.
Политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичката партија. Давањето на потписи започнува 90 дена пред денот на истекот на рокот од последната регистрација на политичката партија.
По истекот на рокот , во рок од осум дена основниот суд е должен да ја извести политичката партија да постапи согласно со утврдениот рок. Доколку политичката партија не постапи во утврдениот рок, основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар и по правосилноста на решението за тоа ќе го извести Основниот суд Скопје II – Скопје заради бришење на политичката партија и од Единствениот судски регистар на политички партии.
Бришењето на политичката партија од судскиот регистар и од Единствениот судски регистар на политички партии се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” (и во најмалку две јавни гласила од кои едно е на службен јазик различен од македонскиот, кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија), во рок од 15 дена од денот на бришењето на политичката партија од судскиот регистар.
Членувањето во политичката партија е доброволно. Секој член може слободно да истапи од политичката партија.
Политичката партија се основа на собрание на основачите на кое се донесува одлука за основање, програма, статут и се избираат нејзините органи. Одлуката за основање на политичката партија содржи:
– име и скратено име на политичката партија;
– седиште на политичката партија;
– лично име на овластеното лице кое ќе ги врши работите на упис во Судскиот регистар; и
– лични имиња на основачите, единствен матичен број и адреса со постојано место на живеење во Република Македонија.
Програмата на политичката партија содржи одредби за целите и изборот на формата и методот на дејствувањето на политичката партија. Статутот на политичката партија содржи одредби за:
– името и скратеното име на политичката партија;
– седиштето на политичката партија;
– политичките цели на дејствување, остварување на јавноста во работата и начинот на дејствување;
– условите и начинот на зачленување и престанување на членството и правата, обврските и одговорностите на членовите;
– застапувањето и претставувањето на политичката партија;
– органите на политичката партија, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето;
– стекнувањето и располагањето со средствата;
-престанокот на политичката партија;
– постапувањето со имотот во случај на престанок на политичката партија и
– ознаките на политичката партија (знаме, симбол, амблем и друго).
Политичките партии се запишуваат во регистар според нивното седиште што го води надлежниот основен суд .Судски регистар на политички партии водат основните судови за определени со Законот за судовите. Податоците запишани во Судскиот регистар се јавни.
Врз основа на податоците добиени од судовите ,Основниот суд Скопје II – Скопје води Единствен судски регистар на политички партии.Во Единствениот судски регистар на политичките партии се запишуваат истите податоци што се запишуваат во судскиот регистар
Политичката партија е должна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на основачкото собрание да поднесе барање за запишување во Судскиот регистар. Со барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар се поднесува:
– записник за работата на основачкото собрание во кој се содржани датумот и местото на одржување на основачкото собрание;
– одлука за основање;
– образецот за давање потписи за основање на политичка партија;
– изјава за основање;
– статут;
– одлука за избор на органи на политичката партија во која ќе бидат наведени личното име на претседателот на политичката партија, односно на лицето кое ќе ја застапува и претставува политичката партија и личното име на лицето, односно лицата одговорни за
материјално-финансиското работење;
– оригинали или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар и
– слика во боја на ликовно-графичкиот приказ на ознаката на политичката партија.
Судот го запишува датумот и часот на поднесување на барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар.
Ако Судот утврди дека барањето за запишување во Судскиот регистар е целосно,односно ги содржи прашањата определени со одредбите од овој закон, должен е во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето да донесе решение за упис на политичката партија во Судскиот регистар.
Во решението за упис на политичката партија во Судскиот регистар се содржани: –
– името и седиштето на политичката партија;
– скратеното име на политичката партија;
– личното име на претседателот на политичката партија, односно на лицето кое ќе ја застапува и претставува политичката партија и
– личното име на лицето, односно лицата одговорни за материјално-финансиското работење на партијата.
Престанок на политичка партија
Политичката партија престанува да постои со бришење од Судскиот регистар:
– кога политичката партија ќе поднесе барање за бришење од Судскиот регистар;
– врз основа на правосилно решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар, донесено од страна на Судот врз основа на овој закон;
– кога на политичката партија и е забрането дејствување со правосилно решение, во согласност со одредбите на Законот за политичките партии;
– кога органот утврден со статутот на политичката партија ќе донесе одлука за спојување со друга политичка партија;
– кога е намален бројот на членовите на политичката партија и
– кога Уставниот суд на Република Македонија ќе утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот.
–ПРАВДИКО–